Конечно победа за Лејкерси, серијата порази прекината против „биковите“

Тимот на Л.А. Лејкерс го надигра како гостин Чикаго Булс со 123:107 во средба од регуларната сезона на НБА. Домаќините го почнаа одлично дуелот и поведоа со 34:16 по крајот на првата четвртина, која беше и најнеефикасна за „езерџиите“ од почетокот на кампањата.

Во втората сепак избраниците на Лук Волтон се разбудија и беа поубедливи – 39:26, за да се доближат на одморот на пет поени од противникот.

По паузата, предводени од најголемата ѕвезда Леброн Џејмс, Ел Еј постигна 43 поени, а тоа во голема мера го навести и крајниот победник во средбата. До крајот, немаше нови пресврти, и така Лејкерс ја прекинаа серијата од пет последователни порази во лигата.

За „езерџиите“ најпрецизен беше Џејмс, кој заврши со „дабл-дабл“ – 36 поени и 10 скока. Кентаурус Колдвел-Поуп и Кајл Кузма додадоа соодветно 24 и 21 за успехот.

За домаќините од Илиноис, Робин Лопез постигна 20, а Ото Портер-Џуниор 19, но тие се покажаа крајно недоволни за тимот на Чикаго.

„Биковите“ ја заземаат 13-тата позиција во Источната конференција и веќе ги загубија шансите за влез во плеј-офот, додека ,„езерџиите“ се 11-ти на Запад. Во следните дуели „Булс“ гостуваат на градскиот ривал на Лејкерс – Клиперс, додека Леброн и компанија патуваат до Канада за посета на Торонто.