Компаниите ќе враќаат во Фондот за иновации 5% од вкупните годишни приходи

Нови обврски за фирмите што ќе добијат грант од Фондот за иновации. Тие ќе треба да му враќаат на Фондот 5% од вкупните годишни приходи. Оваа обврска ќе ја имаат во првите 5 години од стартот на инвестицијата. Сумата што ќе ја вратат во овој период не треба да надмине 120% од добиениот грант. Директорот на фондот, вели, дека, ако веќе даваат пари, требало да добијат нешто и за возврат. Не напомена зошто процент ќе се плаќа на остварените приходи, а не на чистата добивка. Тврди дека нема да бараат пари од фирмите што ќе генерираат приходи, но ќе работат со загуби.

“Може да се случи, бидејќи станува збор за иновации, различни проекти, вложуваме во некој производ или услуга, а на крајот на денот нема пазар. Тоа не значи дека компанијата мора да врати. Ако има нула приходи, значи не враќа ништо. Јас очекувам дека поголем дел од фирмите кои што ќе ги финансираме ќе враќаат, но не се знае дали сите ќе стигнат до 120% бидејќи обврската после 5 години завршува. Некоја компанија може вкупно во петте години да акумулира, на пример, 80% и обврската завршува после 5 години. Меѓутоа, може да има успешни компании, кои што во првите две години веројатно 120% би ги вратиле без проблем кога би аплицирале, затоа што генерираат навистина висока додадена вредност”, вели Јован Деспотовски, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Протоколот што Фондот за иновации го разви лани по скандалот со фирмите на блиски роднини на јавни функционери кои беа избрани за да добијат пари, треба да спречи до вакви ситуации да не дојде во иднина. Апликантите ќе поминуваат низ неколку контроли.

„Носител на јавна функција е широк поим и тука не спаѓаат само министри и заменик-министри. Доколку во некоја компанија има удел функционер, проценка на ризик за загрозување на проектот ќе се врши со посебен протокол, односно во соработка со експертски тим од ‘Транспарентност Македонија’. Доколку се утврди дека има ризик, тогаш компанијата ќе биде одбиена за грант“ – рече Деспотовски.

Фондот за иновации објави нов оглас за финансиска помош на фирми за комерцијализација на иновации. Ќе ги поддржува компаниите со 5 милиони евра, од кои 3 милиони сопствени средства и 2 милиони евра од Светска Банка. Секоја фирма поединечно до 15-ти мај може да аплицира за најмногу 350 илјади евра.

Тања Попова