Колку чини подготовка и прослава на матура?

Од 40 до 50 000 денари ќе му бидат потребни на едно семејство за годинава да ја подготви и прослави матурата на своето дете.
Ако некогаш со овие пари можеле да се подготви веридба со сите салтанати, денеска со оваа сума ќе подготвите просечна матура. Без луксузи и без многу гости за домашната прослава.
Најпрво за фотографирање за училишно табло, цените се движат околу 1000 денари. Ако сакате професионална шминка и таа ќе ве чини најефтино 1000 денари но цените стигнуваат и до 3000 денари.. А потоа следува избор на облека и обувки.
Според податоците на Државниот завод за статистика:
Цените на обувките за само еден месец поскапале за 2,7%. Цените на фризерските услуги и центрите за разубавување за 0,9%, цената на ткаенините за изработка на облека и цените на рестораните за 0,8%.
За облека, шминка и обувки во просек ќе треба да одвоите од 10 до 12 000 денари. И овие цени се само доколку купувате во продавница. За облека потпишана од дизајнер ќе треба да одвоите и до три пати повеќе.
-Јас се подготвив на начин што фустанот ми е позајмен со тоа што ќе има мали измени. А околу шминка и фризура ќе се шминкам и фризура ќе правам сама. бидејќи треба да заштедам да имам за прославата . Цените се превисоки за шминка каде што прашував се околу 2000-3000 денари и мислам дека е премногу, вели за Тв Алфа една матурантка.
Но тука не завршуваат трошоците. Оние кои можат да си дозволат, ќе заминат на екскурзија низ Европа. Цените за 5 дневна посета на европските метрополи чини околу 20 000 денари. На оваа сума треба да се додаде и сумата за влезови во објекти како и пари за џепарлак.
Прославата во ресторан се движи од 1500 до 2000 денари. А доколку имате можност и сакате да прославите и дома со фамилијата и пријателите, најмалку што треба да издвоите за десеттина луѓе е 12 000 денари. Со овие како што народот ги нарекува луди цени, годинава со право матрурската прослава може да се нарече најлудата вечер во животот на средношколците.
Анастасија Илиевска