Колку чинат „бесплатните“ прегледи кај матичните гинеколози?
„Бесплатните“ прегледи кај матичните гинеколози се наплаќаат. Бремени жени и пациентки кои прават редовни гинеколошки прегледи се жалат дека контролата на гинеколог ги чини од 500, па се до најскапиот пакет кој чини 3.000 денари. Пациентките револтирани прашуваат како може гинеколозите како нивни матични лекари прегледите да им ги наплаќаат по цена како да се приватни? А, законски пап-тест, ехо и микробиолошки прегледи се на товар на ФЗОМ и пацинетите тоа треба да го добијат бесплатно. Алфа побара информации од неколку гинеколошки амбуланти кои работат со Фондот, дали и колку чинат овие испитувања.
Испративме прашања во ФЗОМ кои гинеколошки прегледи се бесплатни и дали има пријави од пацинети за незаконското плаќање на услугите, од таму ни одговорија.
“Бесплатни се следење на бремени жени, дијагностички прегледи со ЕХО, колпоскопија и земање брис.ПАП-тестот е бесплатен на секои три години и за него избраниот лекар ги повикува пациентите по возрасни групи.За ПАП-тест кој е потребно да се направи еднаш годишно според медицината базирана на докази партиципација која осигуреното лице што треба да ја плати е 60 денари. Поради тоа, кога избраниот гинеколог ќе побара пари за здравствена услуга која е бесплатна, осигуреното лице треба да одбие да го плати прегледот.” – велат од ФЗОМ.
Од Фондот повикаа, пацинетите писмено да пријавуваат за секое незаконско работење за да може да се направи контрола во ординацијата.
Алфа испрати прашања и во Министерство за здравство дали ќе преземе нешто со незаконското наплаќање на гинеколошките прегледи?- од кабинетот на министерот Меџити не добивме одговор, иако овој проблем е присутен со години наназад, но досега ништо не е преземено од страна на надлежните.