Колку се цврсти гаранциите на Шолц, премиерот убеден во нив, опозицијата предупредува на внимателност
Оптимистичко толкување на изјавата на германскиот канцелар Шолц, дека имаме цврсти гаранции на патот кон ЕУ и истовремено – признавање дека секој може да не блокира, и дека ништо не ни е сигурно. Премиерот Ковачевски е убеден оти Олаф Шолц гарантирал дека Бугарија не може да поставува други услови освен барањето за уставни измени што е во преговарачката рамка, но е дециден дека секоја земја може да го искористи правото на вето.
Шолц коментирајќи ги најавите од Бугарија дека уставните измени се само првиот од условите што Македонија треба да ги исполни, рече дека НЕ ТРЕБА да дојдат други барања. Изнесувајќи го ова, како негов став.
„Не, тоа е јасно договорено. Треба да биде редовен пристапен процес согласно постапките на ЕУ и не треба да дојдат други кои се однесуваат на билатералните односи. Јас лично стојам зад тоа“ рече Шолц.
Од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека пораката на Шолц била погрешно сфатена.
Од опозициската партија велат дека треба и да се процени кредибилноста на изјавата Шолц, со оглед на изјавите на неговата претходничка Меркел од 2018 и 2020 година, кога исто така даде сериозни ветувања за интеграцијата во ЕУ, од кои до денес ниту едно не е исполнето, и покрај болните и изнудени измени на Уставот со кои го променивме името на државава.