Колку се безбедни другите модуларни болници низ земјава? дел се дневни болници, други се под клуч, дел скапуваат

Новите докази за начинот на кој била поставена и користена пеплосаната модуларна болница во Tетово го отвори прашањето што се случува со останатите 16 болници, функционираат или не и дали во нив се направени било какви измени за да бидат безбедни за користење.

Познати се пропустите во изградбата, дека се направени со материјали кои се лесно запаливи.

Вештачењето на германските експерти кажува дека огнот настанал по употребата на дефибрилаторот. Огнот и високата температура се повеќекратно засилени поради високото количество на кислорот во објектот и дека поради тоа болницата изгорела ужасно брзо.

Прашањето е колку од останатите модуларни болници се користат и кој ги оддржува? Министерството за здравство засега не открива.

Од сликата на терен, дел од монтажните болници се под клуч, некои се користат како дневни болници, трети за привремено сместување на пациенти додека се реновираат болничките капацитети. Дел прокапуваат, други фаќаат пајажини а само мал број се во функција – но колку ? надлежните не откриваат.

На пример болницата во Гевгелија ја користи модуларната болница како дневен центар, во Гостивар објектот до пред еден месец се користеше како детско одделение, додека одделот во болницата се реновираше.А претходно беше користено како пункт за имунизација против ковид. Клуч има и на вратата на струшката модуларна болница, но за неа веќе извесно време се размислува да се пренамени во интерно одделение, со што ќе се намали притисокот врз овој регионален центар. 

Во екот на пандемијата 2020 година, Министерството за здравство одлучи во 16 градови во земјата да се формираат ковид-центри со цел да се подготви здравствениот систем за најавениот бран на зараза со ковид-19, а од друга страна да не се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти. Вакви монтажни објекти беа изградени онаму каде веќе постојат општи болници Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп.

Според информации на Алфа, најалармантен е објектот во Охрид каде има дефект на покривната конструкција и чекаат од МЗ кога ќе биде саниран. Во Струга прават анализи за што можат да го пренаменат а под клуч е и модуларната  болница во Струмица каде велат дека може да послужи за амбулантски дел.  

Кога беше поставувањето на монтажните објекти до болниците, тогашниот министер за здравство изјави дека намената нема да им биде само за ковид туку и за други здравствени услуги.

Ања Лукарова

Advertisements