Колите во Македонија во просек стари 19 години, бизнисот контра владините мерки, во Србија задолжителни катализатори

Просечната старост на автомобилите што се возат во Македонија е 19 години. Поради ова, земјава е на самиот врв на држави кои најмногу ја загадуваат животната средина. Притоа, дури 87% од возилата се постари од 10 години, а 60% од автомобилите возат на дизел. Сепак, се чини дека Македонците не поседуваат толку многу автомобили споредено со граѓаните од Европската Унија. Според европската статистичка агенција Евростат, во земјава има 194 возила на 1000 жители, со што Македонија е на дното на европскиот просек.

За да се заштити околината и колите да загадуваат што е можно помалку, Владата одлучи да дели субвенции на оние што ќе купат половно или ново возило со Еуростандард 5 и 6, а ќе го уништат старото на отпад. Бизнисмените останаа скептици дека оваа мерка ќе вроди со плод. Велат ваква мерка нема никаде.

Србија има друг, поевтин начин во борбата против загадувањето. До 2021-вата година, сите возила треба да имаат катализатори. Тамошните законски измени предвидуваат доколку возилото не поседува катализатор да не може воопшто да се регистрира. За сите што ќе ги возат возилата без катализатор се предвидени парични казни. Македонските стопанственици веќе предложија, Владата, наместо паушални мерки, да ги спроведе успешните политики против загадувањето на другите држави.

Тања Попова