Кога со воз од главна железничка станица до скопскиот аеродром?

Со воз од главната железничка станица до скопскиот аеродром. Се уште не се знае кога овој алтернативен превоз за граѓаните, но и за странските туристи ќе стане реалност. Проектот е стар одамна, но дури сега Владата гледа исплатливост да го реализира бидејќи се зголемил бројот на летови и патници на аеродромот близу главниот град. И покрај тоа што железничкиот правец е предвиден во националната транспортна стратегија до 2030-та година, се уште не е избрана рутата, ниту пак министерството за транспорт има одговор кога пругата ќе почне да се доградува, колку ќе чини и кога со воз ќе се патува од и до скопскиот аеродром.

Владата нема конкретни временски рокови за завршување на изградбата и модернизацијата на сите, туку само на најважните проекти во патната и железничката инфраструктура. Дел од стратегијата се автопатските делници Кичево – Охрид, Скопје – Блаце, Скопје-Гостивар и Гостивар – Кичево. Освен железницата кон Бугарија, предвидена е изградба на пругата од Кичево до албанска граница и реконструкција на пругата од Скопје до границата со Косово. Проектите ќе се финансираат преку нови кредити.

Сите 104 активности од Националната транспортна стратегија треба да чинат 4,2 милијарди евра. Ако навистина се реализираат, од транспорт тврдат дека преголемата загаденост од возилата ќе се намалела за 18%,а бројот на смртни случаи на патиштата ќе се преполовел до 2030 година.

Тања Попова