НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кога одговорноста ќе има име и презиме? – бројни скандали во здравството,ниту еден со завршница

Скандал по скандал во здравството. Одговорност од никој, за ништо. Последен во низата е тој на Клиниката за онкологија, во кој вработени краделе терапија од пацинетите болни со канцер и ја препродавале.

Скандалот на Онкологија ја вознемири целата македонска јавност – згрозени од наводите се и првиот човек на здравствениот систем и менаџментот на клиниката. Но велат не може да одговараат за времето кога не биле на функција.

-Од дното на душата сакам да се открие, вината да добие име и презиме и пациентите да ја вратат довербата- рече Клисаровска пред три дена.

И додека се чека одговорност за скандалот во Онкологија, се чека и разрешница за низа други скандали во македонското здравство. Пожарот во модуларната болница во Тетово каде живи изгореа 14 луѓе, а уште десетина беа повредени. Се уште се чека судската разврска.

Меѓу последните случаи беа и недостигот на терапија за болните од цистична фиброза и дијабетес. Државата има проблем да го набави лекот Трикафрта“, за вкупно 130 болни од цистична фиброза во земјава. Иако имаше ветувања дека ќе се обезбеди- лекот го нема.

И натаму има недостатокот на инсулин и лентички за мерење на шеќер во крвта за болните од дијабетис,  ги нема и ветените сензори за најмладите дијабтичари, иако министерот Фатмир Меџити вети дека ќе ги добијат во текот на август.

Во последнава година, се множат и случаите со трагичен епилог со предзнак за сомнеж во системска или лекарска грешка. Разрешница, а ниту одговорност нема за ниеден случај. Нема епилог ниту за смртта на шестгодишната Јана во битолската болница.. Таму почина и новороденче, но  за тоа нема виновници, ниту одговрност.

Јавноста прашува кога власта ќе се фати за работа и ќе го реши хаосот во здравството, особено кога станува збор за вработување на дополнителен медицински кадар.

Битолската, штипската и други болници од внатрешноста немаат кадар и постојано бараат вработување на здравствени работници, но никој не им одобрува. Вработувања бараат и од скопските клиники, но и дисперзија на здравствените услуги, за сите пациенти да не доаѓаат во Скопје. Овие проекти ги ветија многу министри за здравство . Засега се само на хартија.