Ковачевски „срамежливо“ најавува влез на Алијанса за Албанците во владата

Премиерот Димитар Ковачевски срамежливо го најави можното влегување на Алијансата за Албанците во владата, но упорно не сака да признае јавно дека веќе е длабоко навлезен во преговори со нејзиниот лидер Таравари. Запрашан како ги коментира најавите на Ахмети дека со Алијанса се дури стигнати до поделба на ресори, Ковачевски денеска само изјави дека доколку разговорите продолжат во позитивен дух, можно е проширување на владиното мнозинство.

-Но, секако дека разговорите ќе продолжат и доколку се усогласиме комплетно на овие основни принципи за иднината на државата, а во тоа не се сомневам, бидејќи Алијанса за Албанците секогаш и во изминатиот период покажа дека ги поддржуваше сите одлуки коишто се однесуваат за европската иднина на државата, така и другите законски решенија што беа предложени, сметам дека во иднина доколку разговорите продолжат во добра волја и во позитивен дух како до сега, може да се случи и проширување на владиното мнозинство – изјави Ковачевски.

По средбата со Таравари минатата недела премиерот тврдеше дека најавите за влез на Алијанса во владата се шпекулации и дека само разговарале за европската иднина на државата, но неговиот коалиционен партнер Ахмети викендов директно го демантираше. ДУИ тврди дека се разговара за влез во владата, па дури и за отстапувања на два ресора.

Во пресрет на средбите меѓу Ковачевски и таравари, во јавноста излегиа информации дека Алијанса на Албанците можно е да добие дури четири министерски места, во правда, здравство, информатичко општество и министер без ресор за дијаспора, како и две заменик министерски места, но и атрактивни директорски места. Медиумите објавија и дека Алијанса ги сака и МЕПСО, ПИОМ, АД Железници, Управата за матични книги, Агенцијата за странски инвестиции, Инфективна клиника, како и Управата за заштита на културното наследство.

Градоначалникот на Гостивар ги побарал и директориските мста во Државниот санитарен и здравствен инспекторат и просветниот инспекторат, но засега на ова не се согласиле СДСМ и ДУИ.

Владејачкото парламентарно мнозинство за кое премиерот Ковачевски постојано уверува дека е стабилно, брои 64 пратеници, а евентуалното влегување на Алијанса за Албанците со 8 пратеници, значително би ја изменило структурата на Парламентот.  

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста