НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ковачевски се сретна со Рама во Скопје: Премиерот свесен дека условите во правосудството се катастрофа, но уставните измени сепак биле најважни

Премиерот свесен за катастрофалната состојба во која се наоѓа македонското правосудство, а за што еден вид укор ни пристигнува директно и од Европската Унија, но Димитар Ковачевски сепак останува на ставот дека уставните измени биле клучни за европскиот пат на Македонија. Бил задоволен и давал поддршка на оценската мисија која од Брисел ќе пристигне на ова поле, а која ја најави евроамбасадорот во државава, кој кажа дека специјален тим од Брисел ќе дојде да ја оценува работата на Судскиот Совет.

Ковачевски вели дека и пред година и половина разговарал со Дејвид Гир за овој проблем, но централната власт немала моќ да промени нешто, бидејќи правосудниот систем бил независен, но кога ќе ги добиеле евентуалните негативни оценки од Брисел, ќе виделе какви реформи ќе спроведат. Она што е и повеќе од проблематично е што условите во судството се еден од клучните сегменти кои ЕУ ги оценува во напредокот на секоја држава.

-Добро е што во рамките на соработката која што ја имаме со ЕУ, бидејќи соработка со ЕУ значи дека добивате и поддршка во многу области, во која е секако вклучена и областа на владеењето на правото, сега ќе можат да организираат процесна една таква мисија за да ги проверат сите информации во врска со функционирањето на Судскиот Совет, изјави Ковачевски.  

Овие пораки Ковачевски ги испрати по средбата со албанскиот премиер Еди Рама, на која клучни теми биле европскиот напредок на двете земји и иднината на Отворен Балкан. Тука двајцата со различни ставови. Според Ковачевски Отворен Балкан е платформа која имала голема иднина за соработка меѓу земјите од Западен Балкан.

-Приказната со Отворен Балкан не е завршена, Отворен Балкан даде многу резултати кои што се видливи, опипливи. Јас наредната недела ќе имам заедничка средба со премиерката Брнабиќ на која што ќе ги промовираме заедничкиот МТаг на патарините за сите граѓани на Коридор 10, изјави Ковачевски.

Различна пак е реториката на Рама, според него Отворен Балкан треба да биде на страна, а иднината да ја гледаме во Берлинскиот процес како начин за побрз напредок кон ЕУ.  

-Ние сме во еден момент на едно пречекорување во друга фаза на односите со Европската Унија и за ова Берлинскиот процес е клучен. Тој е еден мост чии столбови треба да се зајакнат и за ние да се фокусираме на тој мост, да не се фокусираат разните струења, ветрови, Отворен Балкан или други нешта, јас велам да се фокусираме во Берлинскиот процес, изјави Рама.

Инаку, Рама беше на кратка посетана Македонија како дел од туренајата која ја има во регионов, по Македонија оди во Косово, каде ќе се сретне со претседателката Вјоса Османи, додека пак средба со него одби да има косовскиот премиер Албин Курти. По Приштина ќе замине во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија. Рама со Ковачевски се сретна во македонската Влада, а на Аеродромот во Скопје го пречека првиот вицепремиер Артан Груби.

Матеја Петровски