Ковачевски се сретна со Вучиќ и Брнабиќ – Соработката и односите Скопје – Белград на највисоко ниво

Силни пораки за заедништво и соработка меѓу Македонија и Србија беа испратени од Белград – по средбите на премиерот Димитар Ковачевски со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ. Претседателот Вучиќ истакна дека односите меѓу двете земји биле најдобри во современата историја а соработката ќе продолжела за доброто на сите граѓани.

Димитар Ковачевски кој беше пречекан со сите државни и воени почести, истакна дека иницијативата Отворен Балкан е од огромно значење бидејќи дополнително се зголемила политичката и економската соработка помеѓу двете земји.

Македонија и Србија немаат отворени прашања а соработката се повеќе се зајакнува – децидна е премиерката Ана Брнабиќ.
Ковачевски и Брнабиќ се надеваат дека и земјите од регионот кои што биле против отворен балкан ќе се приклучат кон иницијативата.
Македонија и Србија потпишаа и меморандуми за соработка во областа на рударството и енергетиката, како и за подобар проток на лица и стоки и електронски систем за патарина.


Од Белград, Адријана Алексиеска и Дејан Младеновски за Алфа телевизија.