Ковачевски се збуни запрашан за Џамбаски: Не одговори дали ќе му се забрани влез во Македонија

Димитар Ковачевски се збуни на прашањето дали размислува за посериозна реакција за навредите кои среде Скопје ни ги испратија Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов. И тој како и Османи е на ставот дека обична реакција од две реченици, каде бараме оградување на официјална Софија за овие провокации, била доволна.

-Министерството за надворешни работи го изрази своето…. ја изрази својата реакција преку нота во која што точно ги…. адресираше заканите, во однос на добрососедските односи кои ги беа направиле овие двајца политичари од соседна Бугарија, изјави Ковачевски.

Јавноста е гневна и бара власта под итно да преземе мерки со кои би се ставило крај на навредите од бугарските политичари, кои зачестија со своите посети на Македонија и од наша почва не прогласуваат за Бугари. Некои дури заговараат дел од нив да бидат прогласени за персона-нон грата и да им се забрано влез во државава. Но, наместо тоа власта само со млака реакција. Ковачевски вели тој комуницирал со Владата на Софија, не гледал причина да разговара со други политичари.

-Сепак јас претставувам Влада, која што комуницира со Влада на соседна Бугарија, а гледаме дека тонот на комуникација со официјалните институции на Бугарија е на многу повисоко ниво во однос на она што беше во минатото. Меѓутоа сепак иако станува збор за политички маргиналци, сепак нивните изјави предизвикуваат вознемиреност во нашата јавност, изјави Ковачевски.

Премиерот директно беше запрашан дали можеби постои опција да им се забрани влез на Џамбаски и Костадинов во државава, на што одговор немаше, само повтори дека станувало збор за политички маргиналци.

Матеја Петровски

Advertisements