Ковачевски “самобендисан”, Османи умерен, опозицијата го критикува Извештајот на ЕК

Премиерот и денеска не пропушти да ги заостри односите со опозицијата. Трет ден откако Европската Комисија го објави извештајот за напредокот на земјава кон ЕУ, растат поделбите помеѓу политичките чинители. ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека Македонија има најнизок степен на напредок во 35 позиции, а Димитар Ковачевски се фали дека тој го застапувал вистинскиот концепт за исполнување на европскиот сон.


“Овој Извештај, како ниту еден до сега, праќа многу јасни пораки. Првата порака е дека во нашата држава постојат два концепти. Едниот концепт е оној на чие чело што сум јас. Тоа е концептот што го застапувам и велам дека македонските граѓани, со крената глава, со дигнитет треба да чекорат кон ЕУ и да седат на големата маса во Брисел. Вториот концепт што е нотиран во овој Извештај, е концептот на блокади, концептот на седење на мала изолирана маса како што седевме 11 години во минатото, а притоа на народот да му велат дека ќе биде горд, сам изолиран на мала маса тука во Македонија. Тоа е разликата меѓу овие два концепти” оцени Ковачевски.


За разлика од неговиот шеф кој е покритичен кон опозицијата, министерот за надворешни работи избегна да навлегува во дневнополитички активности, и ги лидерите на партиите од власта и опозицијата да смогнат сили и да седнат на иста маса, бидејќи само преку консензус Македонија може да се движи напред.


“Нема да навлегувам во прашањата од дневнополитички активности, во однос на законите коишто се поврзани со ЕУ, мора да седнеме и да постигнеме договор којшто ќе ги надмине рамките на еден мандат, државен договор меѓу политичките партии дека за оваа тема, независно кој е утре на власт, независно кој е во опозиција, имаме еден ист став. Нема друг начин. Само ќе вртиме во круг и ќе заглавиме Ние ќе продолжиме да се натпреваруваме по сите теми, но за оваа тема мора да си дадеме рака. Еве, да ја поделиме и одговорноста и заслугата, и никој да не може да се пофали дека е само негова заслуга. Опозицијата во Собранието, Владата во Влада” – рече Османи.


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска со критики кон власта која според нив, залудно се фалела со позитивните заклучоци од извештајот на Европската Комисија.


“Ако ги сумираме оценките, Владата во Македонија има и најнизок степен на напредок има во вкупно 35 позиции, два пати повеќе од оние во кои има барем некаков степен на напредок, а особено ваква е ситуацијата во делот на политики на компетитивност, упростување на административните процедури, финансиските и буџетските регулативи, регионални политики и координација на структурните инструменти, правната рамка за алтернативното казнување, признавањето на професионални квалификации, пристап до пазарот на трудот, заштитата на потрошувачите, машинството, контролата и инспекцијата на води, итн” изјави Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.


Македонија следната година ќе добие нов извештај од европските институции, но тој нема да биде само едностран опис, на тоа што земјава прави на патот кон ЕУ, туку и резултат од скрининг процесот кој во моментов се одвива.

Адријана Алексиеска

Advertisements