Ковачевски, Петков, Мицотакис и Вучиќ на стартот на изградбата на терминалот за гас во Александрополис, експертите против – гасот ќе бил поскап од рускиот

Почнува изградбата на терминалот во Александрополис. Таму ќе се складира течен гас, кој со преработка ќе се дистрибуира до околните држави. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски заедно со економскиот тим на Владата денеска на големо се сликаше со српскиот претседател Вучиќ, бугарскиот премиер Петков и грчкиот Мицотакис, како и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел на официјалната церемонија. Македонија вложува над 100 милиони евра во терминалот и интерконекторот, инвестиции кои треба да ја намалат зависноста од руски гас во иднина.

Ковачевски на церемонијата рече дека „ова е историски настан за земјите од регионот во делот на енергетиката“.

„Ова е проект за долгорочна енергетска независност и за стабилно и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време“ рече Димитар Ковачевски – претседател на Влада.

Мицотакис во своето обраќање ја нарече Грција енергетска порта кон Европа, земја членка која треба да му помогне на регионот да дојде до гас од Азербејџан, САД и други производители.

„Пловечката единица за складирање и регасификација е „светилник што испраќа двојна порака: дека со неговото завршување наскоро ќе можеме да се ослободиме од гасот што доаѓа од руски извори и дека нашите земји преземаат заедничка улога на новата енергетска карта“потенцираше Кирјакос Мицотакис – претседател на Влада на Грција.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, на церемонијата, меѓу другото, рече и дека неговата земја треба да изгради системи на поврзување со Бугарија, но и со Македонија.

„ Ова е важен настан за цел регион, за цел Балкан. Многу сме благодарни и подготвени сме да преземеме големи количини на гас во иднина“кажа Александар Вучиќ – претседател на Србија.

“Ова не е само енергетски проект. Ќе ја промени енергетската мапа на Европа. Балканот е регион со 65 милиони луѓе и ние можеме да направиме многу повеќе“ вели Кирил Петков – претседател на Влада на Бугарија.

Аналитичарите поделени. Велат секогаш е добро да се инвестира во повеќе извори на енергенси, но мора да се има в предвид исплатливоста. Велат дека одлуката е повеќе политичка, отколку екеономска, затоа што рускиот гас е далеку поевтин и побрзо достапен. Константин Димитров неколку пати напомена дека придобивките од оваа инвестиција се мали, а цената на гасот кој ќе доаѓа во Македонија повисока од онаа што компаниите ја плаќаат сега за гасот од Русија. Владата требала да ги вложи парите во домашни енергетски капацитети.

Вкупната инвестиција во Александрополис ќе чини околу 400 милиони евра, во кои Македонија учествува со една десетина, односно со 40 милиони евра. Земјава ќе изгради и интерконектор за гас со Грција, во кој ќе вложи 58 милиони евра, пари обезбедени од Европската инвестициска банка. Тендерот за оваа инвестиција треба да биде распишан летово. Терминалот во Александрополис треба да биде готов кон крајот на 2023-та година.

Тања Попова

Поврзани вести