Ковачевски не гледа проблем што наместо институциите, политички партии даваат гаранции за влез во Слупчане

Македонските институции како да немаат контрола над целата територија на земјата. За екипите на ЕВН да влезат во Слупчане мораше да има политички договор и гаранции да дадат политички партии. За премиерот Димитар Ковачевски нема ништо спорно во тоа што два дена на територијата на ова село како да беше прогласена „слободна територија“.
„Бидејќи работниците од ЕВН бараат гаранција да можат да влезат за одредени лица да не ги спречуваат, локалната самоуправа составена од политички партии им ги даде тие гаранции. МВР непречено ја одвива својата работа на територија на општина Липково и веќе се работи на терен, порача Ковачевски.
И министерот за внатрешни работи тврди дека немало педа македонска територија каде не постапувала македонската полиција, но нема одговор зошто 48 часа не беше дозволен влез на екипите на ЕВН во селото.
Не треба да креваме тензии . Полицијата постапува со ЕВН . Започнуаат оваа недела со целосна реконструкција во оваа мрежа , да ги завршиме сите работи без да поттикнуваме конфликти . Ако се исполнат услови кои ќе бидат потребни за да има интервенција на полиција и тоа ќе го направиме , нема една педа каде македонската полиција не може да презема мерки , вели Спасовски.
Иако наплатата на електрична енергија во ова село е едвај 20%, премиерот тврди дека станувало збор за луѓе домаќини, а дека само поединци биле неплаќачи.
Селото има голем број домаќини луѓе. Кога ќе одите на Зелен Пазар или Бит Пазар, вие нема да најдете производ од Аеродром, Центар или произведен од Карпош. Производите доминантно доаѓаат од рурални средини, домаќините си ја плаќаат струјата и сакаат, но има поединци кои сакаат да злоупотребат повеќе луѓе во однос на свои цели. Затоа тоа нема да го дозволиме, рече Ковачевски.
Екипите на ЕВН денеска конечно се на терен и ги отстрануваат дефектите поради кои цел регион немаше струја.
Мештаните на Слупчане бараат универзалниот снабдувач да им ги прости досегашните долгови, без разлика колку ќе потрошат да им биде наплатувано максимум 3000 денари, а верските објекти да бидат ослободени од плаќање и слично. Нема информација дали дел од овие барања се прифатени откако се овозможи влез на екипите во селото.
Кристина Алексиеска