Ковачевски: Нема потреба да ги коментирам предците на мојата сопруга
Нема никаква потреба да ги коментирам предците на мојата сопруга, вели премиерот, откако бугарски „Труд“ обелодени дека таа имала бугарски корени. Димитар Ковачевски рече дека ги видел написите и немало потреба да се зборува за потеклото на неговите роднини и претци, зашто сега сите имале македонски документи.
Додека бугарскиот весник „Труд“ тврди дека Елена Ковачевска, сопруга на Димитар Ковачевски и нејзините дедо и татко се Бугари, премиерот негира. Тој вели дека целото семејство имаат само македонски документи.
Премиерот посочува дека неговата сопруга е родена во Крива Паланка, а во потврдата објавена од бугарските медиуми, стои дека таа е родена во Куманово.
- Не знам зошто би било од интерес потеклото на роднините на мојата сопруга. Таткото на мојата сопруга е роден во Куманово, дедото во Крива Паланка, мојата сопруга во Крива Паланка, јас сум роден во Куманово, децата се родени во Скопје. Поседуваме документи од РС. Македонија. Во однос на предците јас навистина не можам да коментирам такви детали. Бидејќи да се зборува за прадедовци, никогаш не било предмет на разговор, кажа Ковачевски.
Дека сопругата на премиерот Ковачевски била Бугарка објави редакцијата на бугарскиот весник „Труд“ до која стигнале документи за нејзиното потекло.
Во копиите пишувало дека Елена Ковачевска, сопругата на актуелниот македонски премиер потекнува од Бугарија, и нејзиниот татко и дедо Митко и Станојко Станојковски се Бугари, родени во Босилеград.
- Консултациите со лица кои детално го познаваат процесот на стекнување бугарско државјанство, покажа дека документот ги содржи сите потребни атрибути за да биде вистинито. Според неговата содржина, таткото и дедото на Елена Ковачевска – Митко Станојковски и Станојко Станојковски се Бугари родени во општина Босилеград, се вели во текстот на „Труд“.
- И откако самата Елена Ковачевска изјави дека се чувствува Бугарка, овој факт очигледно се држи во тајност од македонската јавност. Време е политичките фактори во Скопје конечно да најдат граѓанска храброст и да сфатат дека бугарската припадност и самосвест не е кривично дело, туку основно човеково право, чие прогонство е злобна практика наследена од времето на Југославија. Постоењето на бугарска заедница во минатото и денес мора да престане да ги дели Софија и Скопје и да ја игра улогата на мост за нивната соработка на нивниот заеднички пат кон обединета Европа“, пишува “Труд“.
Колку за потсетување, владеајката СДСМ за време на локалните избори обелодени дека актуелната градоначалничка на Скопје Данела Арсовска наводно имала бугарски документи за што водеше и црна кампања. Таа демантираше и најави кривични пријави.
Борис Грујоски