Ковачевски: Нема застој во процедурата за поевтина струја за прехранбените фирми

Немало застој во процедурата со која фирмите треба да добијат субвенционирана струја од 80 евра за мегаватчас. Откако вчера дел од компаниите се пожалија дека имаат комплетна документација, но ЕСМ навремено не одговара, премиерот Ковачевски уверува дека процесот се одвива непречено. Тврди дека процедурата се одвива електронски и дека договори за снабдување преку ЕСМ Продажба се склучуваат во најбрз можен рок.

Генералниот директор на „Витаминка“, Сашо Наумоски, а во чија сопственост е и фабриката „Брилијант“ не открива дали маслото за јадење ќе поевтини од први декември. Посочи дека се труделе колку што е можно да ја намалат цената. Досега поетинувањето изнесувало 40 денари по литар. Цените на суровините и репроматеријалите засега биле во мирување, а поставените фотоволтаици им овозможувале да заштедат на струја.

„Цената е падната за скоро 40 денари и ние се трудиме и понатака цената да ја намалиме и да ја донесеме, ако е можно да дојде до цените од пред три години што беа. Цената најмногу зависи на нашиот производ од суровината“ – рече Сашо Наумоски – генерален директор на „Витаминка“.

Надлежните во повеќе наврати истакнуваа дека очекуваат цените на лебот, млекото, месото и сувомеснатите производи и маслото за јадење да поевтинат за околу 10% во декември. Министерот Бектеши информираше дека мали поевтинувања веќе имало. Доколку прехранбените компании не ги намалат цените и покрај намалените трошоци за струја, Владата најавува засилени инспекциски контроли и замрзнување на цени. Фирмите, пак, од кои досега само 20% аплицираа до ЕСМ за поевтина струја најавија дека допрва ќе прават нови калкулации и дека евентуални минимални поевтинувања може да има дури во јануари. Во меѓувреме, инфлацијата руши рекорди. Во октомври достигна речиси 20%.

Тања Попова

Advertisements

Поврзани вести