Ковачевски на средба со партнерите во обид за збивање на редовите во коалицијата

Првиот човек на Владата во обид да ја спаси коалицијата, ги собра партнерите – уставните измени, коридорите и средбите кои ги остварил во САД, главни теми на состанокот кој траеше повеќе од два часа. Но ќе остане ли коалицијата цела и стабилна? Кога дел од партиите се погласно заговараат напуштање на бракот со Ковачевски. Нога повлече Демократскиот сојуз кој веќе си замина, а партијата ДОМ даде рок до јуни да се испорачаат нивните барања околу измените на изборното законодавство, Достоинство на Стојанче Ангелов, пак, се заканува дека ќе си замине доколку не добие поддршка законот за бранителите. Алијанса за Албанците која неодамна влезе во коалиција со Димитар Ковачевски, се погласна околу барањата за бришење на 20% од Уставот. На сите овие прашања, премиерот вели дека заедничка цел на сите партии била земјата да оди напред и да се движи со демократскиот и прогресивниот свет.  

Средбата со коалиционите партнери доаѓа откако Централниот одбор на владејачката СДСМ ги повика сите политички и општествени чинители во Македонија на обединување околу европската иднина.

За сега Димитар Ковачевски посигурно може да се потпре на ЛДП и ВМРО народна партија, единствените кои пред средбата дадоа изјави. Зајкова вели дека сега не е време за условување и калкулации, туку време кога треба да се продолжи процесот на евроинтеграција. Љупчо Балкоски од ВМРО народна, иако претходно не се согласуваше со начинот на кој се носат законите за Бехтел и Енка, не даде конкретен одговор дали ќе излезе од владината коалиција доколку не ги прифатат барањата на партијата.

– За темите на денешнава средба дознавме синоќа од вас медиумите. Она што ЛДП може да повика внатре, доколку тоа бидат темите на разговор е на разум и проактивност на политичките партии. Сите имаме свои политички програми и заложби што треба да ги оствариме за граѓаните да живеат подобро, меѓутоа сега на сите треба да ни е поважно како понатаму ќе го продолжиме процесот на евроинтеграција. Затоа сметам дека не е време за условување или калкулации, вели Зајкова

Она што го кажувам во Собранието е во интерес на целата држава, како и на кој начин да постапи за да се завршат коридорите, а не само да се започнат. Тоа е една работа, а сега ќе видиме што ќе каже премиерот во другите делови што како коалицијата треба да знаеме како што се меѓународните односи, до каде сме тука во целата таа работа, рече Балковски.

Состанокот веројатно е обид за консолидација на коалицијата, но и за збивање на редовите внатре во Социјалдемократскиот сојуз, особено откако во јавноста се повија информации дека и дел од пратениците на СДСМ не се расположени да дадат поддршка за уствените измени. Дури  и да не се случат измените, Димитар Ковачевски е дециден дека не планира да поднесе оставка, бидејќи како што рече, продолжувањето на патот кон ЕУ, било обврска на сите, а не на поединци.

Адријана Алексиеска

Advertisements