Ковачевски: Нашата историја е запишана во нас, почитувани сме и признаени

„Државничките одлуки подразбираат лидерство и храброст за слободно одлучување, посебно кога тие одлуки се влог во подобра сегашност и подобра иднина“ – порача премиерот Димитар Ковачевски, на централната прослава по повод Денот на независноста – 8 Септември. Свесноста која ја покажале граѓаните во 90тите години, и желбата за обединување според него би требало да се пример за обединување, за да се исполнел европскиот сон.

Граѓаните во тие 90-ти години покажале свесност дека обединувањето во минатото, ја донело слободата. Но знаеле и дека не смее назад од веќе постигнатото – во името на иднината. И затоа погледот го насочиле напред – кон остварувањето на новата прогресивна цел пред нив – независноста, со определбата, обединети да ја сочуваат и веќе извојуваната слобода – изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Официјалниот дел од прославата, наместо воениот оркестар оваа година го отворија Златните славејчиња, со изведба на македонската химна.

Државниот врв во прв ред – оваа година слушаше забавна музика.

Освен членовите на Владата и Собранието, беа присутни и претставници на други државни институции, претставници на дипломатскиот кор, стопанственици, претставници на граѓански организации.

Адријана Алексиеска