Ковачевски конечно со став – мора гаранции за јазикот и историјата не смее да биде дел од преговорите

Конечно – премиерот Димитар Ковачевски го соошти ставот на владата во однос на предложениот француски предлог за кревање на бугарското вето. Иако одбегнува јавно да го направи тоа, Ковачевски на социјалните мрежи пишува дека   Владата формално нема добиено предлог кој е усогласен на ниво на сите 27 земји членки. По големото незадоволство како од експертската јавност и македонскиот народ, Ковачевски конечно кажа дека прифатлива е само чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет. Она на што инсистира бугарската влада, ревидирањето на историјата и внесот на сите историски прашања во преговарачката рамка, според Ковачевски не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка. Преговорите помеѓу Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите во преамбулата на Уставот. Македонската влада за првпат бара цврсти гаранции и од Бугарија и од ЕУ дека дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија. Секое решение кое би било донесено ќе треба да е консултирано со институциите на Македонија, напиша македонскиот премиер.

Во друштво на српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, Ковачевски сепак одлучи да се појави на состанокот на Советот на ЕУ. Иако наместо да се соочи со јавноста Ковачевски ги одбра социјалните медиуми како најдостојни да го претстави ставот на владата, тој во Брисел ставот за евроинтеграциите ќе го пренел заеднички со другите лидери. Македонските граѓани и оваа информација прво ја дознаа од твитот на Рама кој порача дека лидерите од Западен Балкан одлучиле сепак да отпатуваат со седиштето на ЕУ, за да го кажат нивниот став и за идејата за формирање на новата паралелна европска заедница.

– Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за Нова европска политичка заедница која ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија што сето тоа го уништува. Само што слушнав дека нешто денеска се придвижува во Бугарија. Прерано е за оптимизам и премалку за промена на делот од утрешниот говор каде Бугарија ќе биде критикувана како земја која киднапирала две земји од НАТО додека има жешка војна на европската граница!, наведува Рама.

Самитот ЕУ – Западен Балкан, на кој се очекува учество на претставници на ЕУ и на лидерите од земјите од регионов, треба да се одржи в утре во Брисел, пред јунското заседание на Европскиот совет.

Ивана Соколовиќ Најдова