НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ковачевски и Заев се откажаа од нив: Македонците од Бугарија колатерална штета на договорите и протоколите

Македонците во Бугарија колатерална штета на добрососедскиот договор и протоколите кои се производ од истиот. Тие постојат и гласно се борат за своите права, но македонските власти се откажаа од нив по договорите постигнати меѓу Заев и Борисов и Ковачевски и Петков. Јасно е напишано и во договорот од 2017-та, а и во протоколот од 17-ти јули 2022-ра дека немаме право на заштита на правата на Македонците од Бугарија.

-Владата на Република Северна Македонија во согласност со член 11 алинеја 5 од Договорот од 2017-та, потврдува дека ништо во нејзиниот Устав не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се граѓани на Република Северна Македонија, се вели во Протоколот кој лани го потпишаа Османи и Генчовска.

Според првиот човек на здружението на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков, односот на македонските власти кон Македонците од другата страна на источната граница е во најмала рака е срамен. Вели никогаш немале поддршка од државава, а капак на откажување од нив биле потписите на договорите со Бугарија од страна на Љубчо Георгиевски и Зоран Заев.

-За нас Македонците од Бугарија односите со државата Македонија се сведуваат на тоа дека ние сме предавани, продавани и заборавани. Срамота е што ние од тука, слабо малцинство ја штитиме Македонија, кога таа не само што нас не не штити, туку и себеси не се штити, но тоа е тажната реалност во која што ние живееме. Македонија имаше обврска уште во 90-тите години со нејзиниот Устав да се грижи за своите малцинства зад граница, но тоа никогаш не го направи. Македонија треба да се засрами од тоа што го прави со Македонците во Бугарија, изјави Стојков за Алфа.

Македонците од Бугарија не добија поддршка ниту македонските власти ниту лани, кога го отворија македонскиот културен клуб во Бугарија „Никола Вапцаров“. Ниту еден претставник од Владата не беше на отворањето на клубот, а министерот за надворешни работи, Бујар Османи, јасно кажа дека е против неговото основање.

-Многу ми е полесно jас сега пред вас да кажам мора да се отвори клубот таму, граѓаните мора да ги почитуваат сите права во Бугарија. Сигурно ќе имам одлични текстови во медиумите, но не правам услуга на луѓето таму, ниту на интересите на државата, ниту на меѓусоседските односи. Јас тој пат сум го избрал и сум убеден дека тоа е правиот пат, изјави Османи лани во октомври.

Од македонските власти не гледаме никаква реакција ниту околу непочитувањето на пресудите од Стразбур од страна на официјална Софија. Кога се во прашање Македонците во Бугарија, Европскиот суд за човекови права досега има донесено 16 пресуди, но бугарските власти не спроведуваат ниту една.

Матеја Петровски