Ковачевски за МИА: од пратениците очекувам да размислуваат државнички, а не партиски
Пратениците да биле на ниво на задачата и да размислувале државнички и трезвено – македонскиот премиер Димитар Ковачевски во последен обид да го задржи под контрола владејачкото мнозинство, ама и да влијае на носењето одлука во Парламентот пред утрешната закажана седница за францускиот предлог. Во интервју за МИА, Ковачевски потврдува дека пратениците на СДСМ со спремни заклучоци утре ќе се појават на закажаната седница, а тоа според него ќе го отвори патот за прифаќање на предлогот и ќе овозможат отпочнување на преговорите.
–Во Собранието најпрво ќе се отвори дискусија, а потоа и ќе се донесат заклучоците со кои ќе се задолжи Владата да постапува согласно одредени принципи од кои нема да смее да отстапи, а сѐ со цел заштита на позициите кои нам како држава ни се најважни во целиот овој процес, вели Ковачевски во интервју за МИА.
Се уште е неизвесно зошто владата бара донесување на вакви заклучоци, кои нема да имаат влијание врз предлогот – премиерот пак се правда дека заклучоците кои ќе се донесат ќе ја задолжат Владата во процесот на преговори да води исклучителна грижа за нашите црвени линии, односно да се обврзе на заштита на националниот идентитет и сите наши специфичности да бидат зачувани и заштитени.
„Ние знаеме кои сме и тоа никој никогаш не може да го смени. Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик и имаме специфични културни обележја, традиција и обичаи кои си ги негуваме и почитуваме секојдневно. И со таа мисла и на тој начин го правиме првиот чекор кон ЕУ, така и ќе влеземе во ЕУ, како Македонци со нашиот македонски јазик и идентитет“, изјави Ковачевски во интервјуто за МИА.
Наместо конкретни аргументи, во однос на јазикот, Ковачевски само се повикува на напишаното во предлогот, односно дека целото европско законодавство ќе било преведено на македонски јазик, без да спомене цврсти гаранции.
За клучниот документ кој владата го крие како државна тајна Ковачевски вели дека протоколот го немало во преговарачката рамка. Иако е јасно дека токму овој билатерален документ е сепак инкорпориран во текстот ама под друго име.
Ивана Соколовиќ Најдова