Ковачевски ги спореди односите со Бугарија со спортски натпревари: Не е тоа натпревар меѓу Вардар и Пелистер и Работнички и МЗТ

Негирањето на македонската нација, јазик и народ, значително влошени односи со Бугарија и секојдневните провокации од Софија, премиерот Димитар Ковачевски ги спореди со обично спортско ривалнство меѓу два клуба, споменувајќи ги македонските дербија меѓу Вардар и Пелистер и Работнички и МЗТ. Но, затоа за обичната кафеанска тепачка во Охрид ја оцени како дистракција која ќе ја нарушела европската иднина на Македонија. 

-Ова е класична дистракција на еден навистина перфиден начин како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина. Сето ова што се случува има импликации затоа што ова не е утакмица кога играат Пелистер и Вардар или кога меѓу себе играат МЗТ и Работнички, изјави Ковачевски .

Го запрашавме премиерот дали според него е во ред, министер за надворешни работи да седи мирен и да не реагира, кога неговиот бугарски колега најавува можна блокада за Македонија, споменувајќи дека во Македонија се враќало времето на некакви крвопролевања. Според Ковачевски за евентулно да реагираат ќе требало, министерот Николај Милков да објасни на кои времиња мислел и што точно мислел со својата изјава.

-Јас детално ја видов неговата изјава каде што тој алудира на некои минати времиња, појаснувањето на таа изјава на кои времиња точно мисли, ќе мора да ја даде самиот министер за надворешни работи на Република Бугарија, со оглед на тоа дека во нашата држава на врвно ниво е издигнато владеењето на правото, демократијата и како што можевте да видите при секој немил настан полицијата и сите други надлежни иниституции веднаш реагираат, изјави Ковачевски.

Милков ни порача дека зелено светло на европскиот пат ќе сме добиеле кога ќе сме го променеле своето однесување. Ваквите изјави од Бугарија не се никаква новост, проблематично е што во моментот кога шефот на бугарската дипломатија ги кажа овие зборови, до него мирно и без никаква реакција стоеше нашиот министер за надворешни работи Бујар Османи.

Матеја Петровски

Advertisements

Поврзани вести