Ковачевски во „лов на вештерки“: Против уставните измени се руски ботови и платени политичари

Сите кои се противеле на уставните измени биле руски ботови и платеници, кои сакале да ја блокираат Македонија на европскиот пат. Премиерот Димитар Ковачевски влезе во „лов на вештерки“ и почна да ги обвинува сите затоа што не може да собере поддршка и да ги протурка уставните измени, кои со негов амин ни станаа услов на патот кон Европската. Според Ковачевски она на што се противар дури 85 проценти од Македонците биле само техничка измена.
-Се демантираат сите оние невистини, лаги, хистерија која што се креваше во текот на минатата година во однос на тоа дека во Македонија ќе се случела бугаризација, асимилација итн. Гледате дека тоа веќе не постои во јавниот дискурс, освен од неколку платени руски ботови, т.н. аналитичари, па и некои политичари кои што тоа мораат заради финансиски средства да го зборуваат, изјави Ковачевски.
Минатиов период власта не торперидаше со изјави дека би ни се случила вистинска катастрофа ако до ноември не се изгласаат уставните измени. Но, сега очигледно премиерот не се согласува со она што го говореа неговите колеги, а и самиот тој. Веќе не било толку важно кога ќе бидат изгласани уставните измени.
-Преговарачката рамка е многу јасна и децидна, преговарачката рамка предвидува одржување на прва меѓувладина конференција по усвојувањето на заклучоците во нашето Собрание, тоа се случи минатата година во месец јули, пред точно една година и една недела. Втора обврска на Европската Унија е без никакво одлагање, без дополнително закажување што е напишано во преговарачката рамка, да се одржи меѓувладина откако ние спроведеме уставни амандмани, вели Ковачевски.
Од опозицијата остануваат цврсти на својот став, под вакви услови нема да има уставни измени. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски ја повика власта веднаш да ги стави уставните амандмани на гласање, за да видат дека немаат поддршка.
-Ние предлагаме веднаш да се стави на гласање за да се види дека ниту еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да го поддржи овој предлог за уставни измени. Тие уставни измени ќе пропаднат и веднаш после тоа да се распуши Собранието и да одиме на брз предвремени избори на кои што граѓаните ќе можат да го кажат своето мислење, октомври месец е идеален за одржување на избори, вели Николоски.
Уставните измени на пленарна седница ќе бидат на 18-ти август, но кога ќе се гласа за нив останува непознато. Собранискиот спикер Талат Џафери кажа дека тоа нема да се случи додека не биде обезбедено двотретинско мнозинство, што изгледа невозможна мисија.
Матеја Петровски