Ковачевски: Внесувањето на Бугарите во Уставот не се последните уставни измени на патот кон Европската Унија

Ова не се последни уставни измени кои ќе мораме да ги направиме на патот кон Европската Унија, ни порача премиерот Димитар Ковачевски. Вака тој го најави стартот на работните групи кои ќе треба да дискутираат за уставните измени, со цел внесување на Бугарите во Уставот. Она што е проблематично во овој случај е што групите ќе работат без ниту еден претставник на опозицијата, односно дел од нив ќе бидат само лица предложени од власта, кои имаат заеднички став околу оваа проблематика, па се поставува прашањето што воопшто тие ќе преговараат.

-Ова не се последни уставни измени, ова не се последни, бидејќи и пред влегувањето во ЕУ има уставни измени, кога се даваат дел од надлежностите на ЕУ, како што тоа го направила секоја држава. Ова не е последното двотретинско гласање на патот кон ЕУ, пред нас имаме врз основа на скрининг извештаите кои ќе ги добиеме реформа на правосудството, за тоа треба две третини, реформа на Обвинителството, за тоа се потребни две третини, изјави Ковачевски.

Проблем за власта секако ќе биде обезбедувањето двотретинско мнозинство, со оглед на тоа што уставни измени како што се планирани во моментов, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ни под разно не планира да прифати. За партијата на Христијан Мицкоски единствено прифатлив е хрватскиот модел, се друго значи дека уставните измени се невозможна мисија.

-Тука завршува се. Јас сум свесен дека тие немаат друга тема, јас сум свесен дека тие немаат ниту еден проект, реформа или политика и континуирано како расипана грамофонска плоча ќе го повторуваат ова, уставни измени, уставни измени. Јас тука ја затворам оваа тема. Вчера ја затворив темата со комисиите, денес ја затворам со уставните измени. И од сега па натаму одговорот мој на таквото прашање ќе биде го знаете ставот тој е непроменет, уставни измени во овој парламентарен состав ќе нема, изјави Ковачевски.

Премиерот пак останува на ставот дека уставните измени се обврска за Македонија, а тие кои не ги поддржувале како што моментално се обидува власта да ги протне, биле партии против ЕУ, смета Ковачевски.

-Уставните измени се нешто што е обврска на нашата држава во делот на пристапување кон ЕУ. И за мене беше очекувано кои партии ќе учествуваат, кои партии нема да учествуваат во работната група формирана во Министерството за правда. Зошто бидејќи ние во државата имаме два концепти. Едниот концепт се политички партии кои поддржуваат Македонија членка на НАТО и ЕУ и имаме втора група политички партии, изјави Ковачевски.

Партиите од власта веќе ги номинираа своите претставници. Од СДСМ ќе биде Цветанка Иванова, од ДУИ пратеникот Арбр Адеми, од Алијанса за Албанците пратеникот Ремзи Мехмеди. Пендаровски уште пред неколку дена објави дека претставник од неговиот кабинет ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов. Дел од работната ќе бидат и Јетон Шасивари, Маргарита Цаца Николовска. Останува да се види уште кои ќе бидат номинирани од Министерството за надворешни работи и Секоторот за европски прашања.

Матеја Петровски

Advertisements