Ковачевски вели уставнте амандмани се завршуваат, зошто тогаш потребата од нив уште не е во Собрание?

На денешната владина седница нема да се расправа за уставните амандмани. Премиерот најави дека се чека сите документации да ги подготват владините служби и кога ќе дојдат на дневен ред јавноста ќе биде информирана. Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која отфрла уставни измени под бугарски диктат велат дека добиваат притисоци, за да кренат рака за влез на Бугарите во Уставот. Децидни се дека сите обиди на власта се бадијала. Димитар Ковачевски демантира дека такво нешто се случило.
Тоа ниту се случило, ниту се случува, ниту пак ќе се случи. Бевте сведоци на гласањето на „францускиот“ предлог минатата година кога пратениците од мојата политичка партија беа слободни да гласаат како што сметаат дека треба да гласаат и предлогот беше донесен со 68 гласа „за“ и без ниту еден глас „против“, бидејќи оние што беа „против“ не влегоа да гласаат, туку излегоа надвор. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше „против“, тие зборуваат против и потоа бегаат надвор за да не им замери некој од странство, бидејќи реторката што ја имаат во јавноста и кај странските претставништва е тотално различна, рече Ковачевски.
Претходно пратеници од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека притисок врз пратеник е кривично дело и тоа треба да го знае секој член на Владата. Велат дека ставот на пратеничката група е повеќе од јасен со месеци и нема да поддржат уставни измени доколку не бидат прифатени условите на претседателот на партијата Мицкоски, уставни измени со одложена примена или предвремени избори. Порачаа, ако Ковачевски е толку сигурен дека може да обезбеди двотретинско мнозинство, веднаш нека ја испрати иницијативата до собраниските служби.
Ние очекуваме, таа иницијатива конечно да влезе во Собрание, па да се докаже дека немаат двотретинско мнозинство. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, дека уставни измени под бугарски диктат не прифаќаме – рече пратеничката Дафина Стојаноска.
Нејасен е оптимизмот на премиерот Ковачевски кој денеска повтори дека е можно Македонија да влезе во ЕУ, до 2030 година ако сме ги завршеле сите обврски, иако сме многу далеку, и од исполнување на обврските од францускиот предлог, и реформите во правосудството и ефективната борба против корупцијата. Дека седум години се премалку за влез на Македонија во ЕУ, вчера предупреди и поранешниот премиер и претседател Бранко Црвенковски, кој рече дека нема напредок во процесот на пристапување кон ЕУ.
Адријана Алексиеска