НАЈНОВИ ВЕСТИ

Коалиција „Сите за правично судење“: Има најава за нови оставки во Судскиот совет

Нови најави за напуштање на Судскиот Совет. По заминувањето на судиите Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимовски од скопска Апелација, и други членови сакале да го напуштат највисокото судско тело откриваат од Коалицијата „Сите за правично судење“. Децидни се дека ова е единствениот начин судството во целина да излезе од ситуацијата во која се наоѓа.

  • „Очигледно е дека и самите судии, според последното објавено истражување, велат дека немат доверба во Судскиот совет, односно три од четири судии сметаат дека изборот и разрешувањата на судиите не е соодветно на законот. Имајќи предвид дека ова истражување е од 2022 г., може само да претпоставиме доколку сега било направено истражување какви би биле резултатите после сите случување што ги имавме во Судски совет. Ние и понатаму ќе правиме притисок во насока на тоа дека сите членови на Судскиот совет треба да си дават оставка и воедно да бидат избрани нови членови на Советот што ќе имаат интегритет и ќе вложат напори за да ја вратат довербата во Судскиот совет – пред сè од судиите, но и од граѓаните, затоа што ако судиите немат доверба во Судскиот совет како ние обичните граѓани да имаме доверба“,рече Петковска во емисијата „360 Степени“ на Алсат тв.

Коалицијата „Сите за правично судење“ постојано укажува дека актуелниот состав на Судскиот совет е нелегитимен и врз основа на тоа не може да ја штити судската независност.

Дека ситуацијата е таква, покажа и последната анкета на ОБСЕ и Антикорупциската комисија спроведена помеѓу судиите и обвинителите кои не им веруваат на највисоките органи во правосудството, Судскиот и Советот на јавни обвинители.

 Над 70 отсто од анкетираните велат дека Судскиот Совет работи за лични и партиски цели, а не е заштитник на независноста на судството што му е основна функција. Освен тоа, во анкетата спроведена анонимно, 32 отсто од анкетираните  судии почувствувале или се нашле под притисок на членовите на Судскиот совет.

Но затоа членовите на Советот, согласно новите покачувања од 78 проценти, земаат основна платата 2.300 евра, а претседателот над 160.000 денари, без пресметани додатоци и патни трошоци.