Коалицијата против ГМО контра директорот на АХВ, бара мораториум за ГМ храната

Бурни реакции по изјавата на директорот на АХВ Зоран Атанасов од неформалната група граѓани и организации „Коалиција против ГМО“. Тие реагираа на изјавата на Атанасов која ја даде завчера во врска со ГМО и најавеното бришење на членот 55 од Законот за безбедност на храната кој се однесува за забрана на производство, ставање во промет, увоз во Република Македонија на храна и производи од храна кои содржат ГМО или се составени од ГМО.”. Според Атанасов храната што содржи ГМО не е штетна по здравјето на луѓето, бидејќи во светот се уште немало доказ за тоа.


Коалицијата изнесува спротивни тврдења од оние на Атанасов, повикувајќи се на, како што наведува, научни студии до кои посочува и интернет линкови.

ГМО кај луѓето, според Коалицијата, ја загрозува плодноста, го зголемува ризикот од канцерогени заболувања, аутизам, генетски мутации, кај природата предизвикува уништување на локалниот биодиверзитет и нарушување на рамнотежата.


Атанасов во својата изјава тврди дека ГМ храна има поголема продуктивност. Тој вели дека усогласувањата на Законот се во насока на стандардизација со ЕУ регулативите. Според Европската агенција за безбедност на храната „согласно легислативата на ЕУ, секоја земја членка има право да одлучи дали ќе култивира ГМ култури на својата територија”.


Oправдувањето дека се стандардизираме според Европската Унија е неиздржано.

По реакцијата на коалицијата од АХВ стигна дообјаснување на изјавата на нивниот директор. Оттаму велат дека тврдењата на Коалицијата против ГМО се невистинити и во голем дел се однесуваат на надлежности од други институции.


Граѓаните преку онлајн петиција бараат да се стопираат законските измени кои треба да овозможат производство на генетски модифицирана храна во земјава. Петицијата е покрената од „Коалиција Против ГМО“, а нивната цел е да се соберат 10 илјади потписи за поддршка на нивното барање. Досега се собрани 4.000 потписи.