Клоп: Не можам да трошам секое лето по 200-300 милиони како ПСЖ и Манчестер Сити

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп ги предупреди навивачите да не очекуваат спектакуларни трансфери во текот на летото. Во последните години тој потроши околу половина милијарда фунти за својот состав и тоа му донесе освојување на Лигата на Шампионите минатата сезона.

Но Германецот откри дека не може да си дозволи да фрла повторно пари и истакна дека такво нешто може да си дозволат само два клуба – Манчестер Сити и ПСЖ. Во нивно друштво, но со мали отстапки, ги додаде шпанските гиганти Барселона и Реал Мадрид.

– Ние сме прилично спокојни на трансфер пазарот и така ќе биде. Како што реков претходно, тоа нема да е најголемиот трансфер прозорец на Ливерпул. Во последните две години инвестиравме многу во тимот, не може да е така секоја година. Луѓето мислат дека туку така можеме да даваме по 200-300 милиони секоја година. Има само два тима кои можат да го прават тоа – Манчестер Сити и ПСЖ. Како што изгледа, истото го можат и Реал Мадрид и Барселона, но не до таа мера. Јас сум многу среќен со тимот со кој располагам. Имам потреба од засилување само на една позиција, но не е задолжително да потпишуваме со играч за неа, рече Клоп.

Досега тој го засили Ливерпул единствено со холандскиот тинејџер Сеп ван ден Берг од Цволе, а наскоро се очекува да биде објавено и привлекувањето на младиот Харви Елиот од Фулам.