Клетников: За еден народ нема ништо пострашно од смрт на неговиот идентитет

17 јуни 2018 – за некои најлошиот датум во историјата на Македонија – четири години подоцна не стивнуваат критиките за Преспанскиот договор, посебно од истакнатите активисти кои уште тогаш организираа масовен отпор кон најавените уставни промени. За писателот Ефтим Клетников од „Македонски Манифест„,  Преспанскиот договор е смртоносен по македонскиот идентитет, по името на државава, но и македонската историја.

Најстрашното нешто што може да му се случи на еден народ е идентитетска смрт. Тоа се случи со ликвидација на името. Што значи Северна? Ние веќе не сме ни Македонија ни Македонци, по Преспанскиот договор Македонци се Грците. Идентитетската смрт значи укинување на меморијата на еден народ – изјави Клетников.

Клетников, кој гостуваше во емисијата „Што не е јасно“, вели дека Преспанскиот договор не донесе ништо за Македонија, а народот сето тоа го прифатил без премногу противење.

Како јагне го одведоа цел народ на колена и глас не пуштија, немаше никаков отпор. Требаше востание да се крене. Она што се случи тешко враќање има – изјави Клетников.

Преспанскиот договор кај Клетников бил инспирација за неколку книги меѓу кои и Погреб во Преспа, симболична порака за како што вели предавството што го направиле властите со потпишувањето на Преспанскиот договор. Тој беше еден од поддржувачите на масовниот отпор кон уставните промени и референдумот во 2018 година пред промената на уставното име. Здруженијата повикуваа на обединетост против како што тврдеа неуставниот и противзаконски Преспански договор, а во здруженијата се приклучуваа професори, интелектуалци, уметници, политичари.

Адријана Алексиеска