„Клетите фашисти“ избришани од „А бре Македонче“: На владината прослава за 11-ти октомври ги снема фашистите, станаа душмани

За власта во Македонија клетите фашисти станаа душмани клети. На владината прослава во Крушево, фашистичкиот окупатор го снема од песната „А бре, Македонче“. Стиховите „нека разберат клетите фашисти, македонско име нема да загине“, станаа „нека разберат душманите клети, македонско име нема да загине“.

Вчерашната верзија се разликува од оригиналната, која е дело на Коле Чашуле, Крсте Црвенковски и Ордан Михајлоски Оцка. Двајца од нив, Чашуле и Црвенковски првоборци од Прилеп токму на 11-ти октомври 1941-та.

Токму на 11-ти октомври, 81 година подоцна власта почит кон нив изрази на начин што емитуваше променета верзија од нивната патриотска песна. На прашањато зошто се емитувала ваква верзија на песната, од Владата демантираат дека имало политички притисоци за промена на песната, велат користеле променета верзија на аранжманот.

-На настанот е користен автентичен аранжман чија хармонизација е правена од Драган Шуплевски, потврдена од Национална опера и балет и Сојуз на композитори. Хармонизација на аранжманот според нашите сознанија е правен во доцните седумдесетти односно рани осумдесетти, велат од Владата.

Оваа нова верзија на „А бре, Македонче“ доаѓа на само два месеци откако беше промената песната „Во борба“. Од оваа партиотска песна беа изоставени Делчев и фашистичкиот окупатор. Токму делови кои се проблематичните за официјална Софија.

-Во борба, во борба, во борба, македонски народе. За света народна слобода со песни и радост се мрее. Синови сме на нашата татковина, на илинденските наследници, строиме живот, слобода, иднина, за жени, деца, старци, младинци.

За Бугарија спорниот дел го снема во една прилика го снема и во македонската химна. Пејачката Тамара Тодевска во американската амбасада ја испеа химната без за официјална Софија проблематичните Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански.

Поради удоволување кон Бугарија, бугарскиот фашистички режим го снема и од устите на политичарите од власта, не само од патриотските песни и химните, кои власта си ги менува, за да не го налути источниот сосед.

Матеја Петровски

Advertisements