Ким планира да се сретне со Путин за да разговараат за продажба на оружје, велат САД

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун планира да патува за Русија овој месец за да се сретне со Владимир Путин, изјави еден американски функционер. Тој додаде дека тие ќе разговараат за можноста Северна Кореја да ѝ испорача оружје на Русија за војната во Украина. Точната локација на средбата не е позната, ниту оваа информација беше коментирана од Москва и Пјонгјанг.

Американски извори изјавија за „Њујорк тајмс“ дека Ким веројатно ќе патува со оклопен воз до Владивосток. 

Можната средба доаѓа откако Белата куќа соопшти дека има нова информација дека двете држави активно преговараат за оружјето.

„При неодамнешната посета на Северна Кореја, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу се обиде да го убеди Пјонгјанг да ѝ продаде артилериска муниција на Русија. Ким и Путин потоа разменија писма во кои ветија дека ќе ја зголемат билатералната соработка. Ја повикуваме Северна Кореја да ги прекине разговорите за оружје со Русија“, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.

Тој додаде дека САД ќе преземат акција, вклучувајќи санкции, доколку Северна Кореја ѝ продаде оружје на Русија,

Во САД и Јужна Кореја постои загриженост за тоа што би добила Северна Кореја со еден ваков договор со Русија и дека тој би можел да резултира со зголемена воена соработка помеѓу двете земји.

Ким и Путин последен пат се сретнаа во 2019 во Владивосток.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста