Кеш или картичка? Граѓаните се уште го претпочитаат традиционалното плаќање

Бројот на кредитни картички, на уреди за плаќање, на банкомати и на трансакции постојано расте, но граѓаните во Македонија се уште претпочитаат кеш. Иако парите сега се само еден од многуте начини кои корисниците ги имаат за да плаќаат во продавници, да ги подмируваат сметките, тие и во ерата на модерната технологија и безготовински плаќања и понатаму остануваат прв избор за многу луѓе – ова е особена карактеристика во некои земји, како и во Македонија. Подобро плаќање во кеш отколку преку интернет, ваков е ставот на граѓаните кои го преферираат традиционалното плаќање во готово, иако дел од помладата популација се повеќе го користат електроноското плаќање.
Последните податоци на Народната банка за септември 2018 година покажуваат дека од вкупниот број трансакции реализирани со кредитни трансфери или приближно пет милиони, во готово се реализирани безмалку 3 милиони трансакции, додека електронски нешто над 2 милиона. Податоците укажуваат дека електронскиот начин на плаќање е поприфатлив за правните лица, кои од вкупниот број електронски трансакции, реализирале 1.770.000, додека, пак, учеството на физичките лица ,изнесувало 14,4 отсто, или речиси 300 илјади трансакции.
Од реализираните електронски плаќања преку мобилен во септември 2018 година се остварени над 66 илјади.
Објавените податоци, сепак, покажуваат дека од година во година има раст на трансакциите преку мобилен. Во јануари 2017 преку смарт телефоните биле реаализирани 25 илјади плаќања, а во декември истата година достигнале до 55 илјади..
Банките континуирано инвестираат во модерни и иновативни технологии, а целта е на клиентите да им се овозможи услуга 24 часа. Во своите услуги речиси сите имаат понуда за мобилно банкарство. За да се зголеми неговата примена нудат и поволности и пониски провизии, но истакнуваат дека сè уште поголемиот број клиенти не се подготвени да ги прифатат новите технологии.