Кванташки пазар пред пропаѓање – Закупците на протест поради рекет, закани и уцени

Трет протест во рок од две недели на закупците и пазарџиите од кванташкиот пазар во Скопје. Тие велат дека помеѓу главните причини се рекет, закани и уцени.

Предупредуваат дека се уништува најголемата извозна артерија на главниот град, а бизнисите им пропаѓаат, бидејќи сопственикот од Албанија врз основа на расположение ги менува ценовниците и тарифите, а и ги казнува со измислени правила, и со тоа се обидува закупците и земјоделците да ги соголи до коска и да го пропадне пазарот.

– „Заканите не се физички, туку психички. Од типот, досега си плаќал 100 евра, сега ќе плаќаш 1000. Твоето место ќе го правам веце, разни психички закани, кои мислам дека се посилни од физичките.“ – Изјави Таџедин Идризи, кој е дел од организаторите на протестот.

Пазарџиите се жалат дека работат во крајно катастрофални услови. Странскиот сопственик ветил дека ќе инвестира и ќе изгради пазар по европски стандарди. Но, од современите и модерни стандарди, за овие три години има само затнати тоалети, нехигиенски услови за чување на храната и бунар ископан помеѓу две септички јами, за кој пазарџиите велат дека секој кој се напил се разболел, а никаде не пишува дека водата не е за пиење.

– „Водата е бушотина помеѓу две септички јами кои се 100 години стари. Исклучени сме од водовод, поради изговор дека плаќале сметки за цела наслеба. Затоа бараме услови, бараме цените да ни бидат конкурентни, бараме за сите да биде еднакво, не некој 20.000, некој 15 а некој 2.000 денари. Нема основни услови“ – Додаде Идризи.

Закупците и пазарџиите тврдат дека никогаш не го запознале сопственикот од Албанија, само менаџерот Клодиан Ибрај, за кој велат дека се однесувал како шериф и како да не го фаќа законот. Се обидовме да поразговараме со него, но, неговите најблиски соработници не ни дозволија да влеземе во канцелариите.

Велат, не разбирал ниту македонски, ниту англиски. Ни дадоа само визит карта со електронска адреса, на која не одговрија на поставените прашања, туку не предупредија да не објавиме дел од видео матерјалите.

– „Ве повикуваме да се воздржите од објавување на било какви видео материјали кои неовластено се снимени во внатрешноста на пазарот.“ – Пишуваше во известувањето од компнијата „Анамарк“ – Скопје.

Од Алфа упативме прашања до надлежните во министерството за економија, и министерството за земјоделие, за тоа, дали се запознаени со состојбата на пазарот и дали концесионерот ги исполнува обврските од договорот, но, до овие вести, одговор оттаму не пристигна.

Пазарџиите велат дека ако надлежните продолжат да замижуваат пред уништувањето на пазарот, тие едноставно ќе го напуштат и ќе отворат нелегален пазар во непосредна близина.

Никола Цветкоски

Advertisements