Кацарска предупредува за уставна криза доколку Собранието не ги избере четворицата уставни судии

Македонија ќе влезе во уставна криза доколку Собранието до декември не ги изгласа и пополни празните места на уставни судии. Првиот човек на Уставен Добрила Кацарска се надева дека Комисијата за избор и именувања во најбрз можен рок ќе ги избере судиите, бидејќи судот би останал без мнозинство и не би можел да заседава. Кацарска вели, додека судот е во таква состојба, Законот за јазици и Указот за Преспанскиот договор нема да се најдат на дневен ред. 

Овој проблем е на штета на граѓаните. Состојбата е проблематична и во очите на меѓународната заедница. Апелирам Уставот да се почитува. Важни прашања, како што се Указот за прогласувањето на Преспанскиот договор и Законот за јазиците нема да бидат ставени на дневен ред на седница се додека не се изберат сите девет судии во Уставниот суд, изјави Кацарска.

Кацарска ги повика на средба претседателот Пендаровски, премиерот Ковачевски и спикерот Талат Џафери, кој ги избегнаа медиумите за изјава. Кабинетот на Џафери преку соопштение до медиумите ги пренесе ставовите на собранискиот спикер.

Претседателот Џафери, образложи дека секогаш давал поддршка за независноста на судската власт и неговата функционалност. За жал, со сета негова добра волја,  постапката за избор на нови уставни судии е заглавена во Комисијата за избори и  именувања и единствено што може е да апелира до колегите да се однесуваат државнички и да овозможат одблокирање на изборот за час поскоро да се комплетира  Уставниот суд и да може да продолжи со нормално функционирање и во полза на  граѓаните, велат од Кабинетот на Џафери. 

Комисијата за избор и именувања, по пауза од една година заседаваше пред две недели, а за уставни судии  беа предложени 9 кандидати. Пратениците од власта ги предложија републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство.

Опозицијата пак предложи шест кандидати: универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид. 

Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски, а кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.

Викторија Миткова

Поврзани вести