Катастрофалниот регионален пат преку „Јасен“ го урнисува економскиот и туристичкиот развој на Поречието

Иако Поречието располага со исклучително ретки природни потенцијали за сестран економски развој, а особено за рурален и алтернативен туризам, сепак, оваа трета општина по големина според површина, чмае во својата неразвиеност. На на само 50-тина километри воздушна оддалеченост од Скопје, катастрофалниот Регионален пат преку Резерватот „Јасен“, општина Македонски Брод како да ја отсекува од цивилизираниот свет. Жителите масовно се иселуваат, потенцијалните инвеститори бегаат, а додека пак оние кои веќе се нашле тука, мака мачат како да опстанат.
„Вековен сон на поречаните е патот Македонски Брод – Скопје. Благодарение на Националниот парк „Јасен“ ние сме затворени и наместо да стигнуваме за 80 или 90 км во Скопје, ние треба да патуваме 160-170 км. Се вмреживме со здруженијата на поречани во Скопје и правиме обиди да вршиме легитимен притисок врз властите се’ со цел овој пат да се стави во фунција. Досега, благодарение на здруженијата успеавме да воспоставиме четири термини, затоа што имаше во зимскиот период два термини за премин преку патот, а во летниот период три“, – вели Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.
Според Ристески, чекор напред е што оваа година, успеале да издејствуваат овој пат да влезе во Програмата на ЈП за Државни патишта за да се изготви проектна докуметација. „Имаше два проекти. Од тие два проекти, бидејќи имале пропусти, сега треба да се направи еден, за што Владата годинава треба да одвои средства, зашто станува збор за Регионален пат“, објаснува Ристески.
„Исто така, преку ЈП за Државни патишта успеавме редовно да се одржува тој пат, затоа што не беше воопшто одржуван. Имаше многу наноси и одрони од камен, така што тоа претставуваше голем проблем за движењето. Верувајте дека иднината на Македонски Брод е токму ова малечко градче да се отвори кон метрополата“ – посочува градоначалникот Ристески.
На овој Регионален пат, кој поминува низ Резерватот „Јасен“, дозволено е само контролирано наизменично и периодично движење во текот на денот, со строго утврдени термини. Има ширина од само 2,5 метри и е во очајно лоша состојба, заради што жителите од овој крај често излегуваат на протести, барајќи државата да го оспособи, нешто што им е ветувано уште од 2002 година.
Инаку, Резерватот „Јасен“, освен диви животни, срни и елени за лов на ексклузивни ловци од државава и странстви, крие и воени објекти, изградени уште од бивша Југославија. Објектите се дел од воените капацитети и една од можните локации каде би бил сместен државно-воениот врв и од каде што би командувал во евентуални воени услови.
Каролина Дурло