Каталин Новак: ЕНП консензуално го прифати нашиот предлог, ФИДЕС не може да биде исклучена

Потпретседателката на унгарската владеачка партија Фидес, Каталин Новак на својот твитер профил соопшти дека Политичкото собрание на Европската народна партија го прифатило предлогот на ФИДЕС за доброволно повлекување на партијата од работата на телата во ЕНП, се до ставот на комитетот за евалуација кој треба да ја мониторира имплементацијата на забелешките кои ЕНП ги има кон унгарската партија.

Со ваквиот компромисен чекор како неуспешен се смета обидот за исклучување на ФИДЕС од ЕНП кои го имаа одредени политичари во заедницата на центар-десни партии.

Претходно, претседателот на ЕНП Жозеп Дол ги соопшти ефектите од консензуално прифатениот предлог на ФИДЕС, што значи дека до оценката од комитетот за евалуација, ФИДЕС нема да учествува во активностите на ЕНП.

Виктор Орбан и Каталин Новак

Во соопштение до јавноста ВМРО-ДПМНЕ која е членка на ЕНП и учествува на Политичкото собрание на најголемата партија во Европскиот парламент информираше дека „ЕНП постигна компромис за статусот на ФИДЕС кој беше прифатен со консензус и според кој Комисија на ЕНП предводена од Херман ван Ромпуј треба да ја мониторира имплементацијата на забелешките на ЕНП и да ги утврди фактите“.

ВМРО-ДПМНЕ на Собранието е претставена со највисока делегација предводена од претседателот Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски, а во нивна придружба е и кандидатот за Претседател на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова.