Караџиќ и Младиќ би можеле да бидат ослободени

Судијата Жан-Клод Антонети подготвува ослободителна пресуда или значително полесна казна од првостепената за Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, изјави поранешниот судија на Хашкиот трибунал, Кристоф Флуге.

Хрватскиот весник „Слободна Далмација“ пишува дека Флуге пред извесен период демонстративно поднесе оставка од судиската должност, нагласувајќи дека тоа не го направил само од приватни причини.

Флуге во интервју за германскиот весник „Цајт“ дозволил да се насетат причините за неговото длабоко професионално разочарување со некои постапки на таа судска институција.

Флуге наведува дека е згрозен од фактот оти, покрај неодамнешната одлука на Генералниот секретар на ОН, кој на многу искусен турски судија не му го продолжи мандатот само затоа што Владата на Ердоган го смета за симпатизер на опозициското движење на Фетулах Ѓулен, сега постои можност Караџиќ и Младиќ во втор степен да бидат ослободени.

Германскиот судија, имено, воведот во таков расплет го гледа во апсурдната одлука на францускиот судија Антонети, кој ги прифатил барањата на адвокатите на Младиќ и Караџиќ и од жалбената постапка ги исклучил судиите Теодор Мерон и Камел Аџиус, прогласувајќи ги пристрасни бидејќи веќе суделе во слични процеси. Исто така, Флуге потенцира и дека Антонети, за кого велат дека е контроверзен француски судија, му потпишал ослободителна пресуда на лидерот на српските радикали Воислав Шешељ.

Запрашан дали е можно „Караџиќ и Младиќ на крајот да се спасат“, Флуге одговорил дека ништо не е невозможно бидејќи и во суд работат луѓе кои прават грешки.

Со првостепена одлука Караџиќ пред речиси три години во Хаг е осуден на 40 години затвор, а на Младиќ во 2017 година му е изречена доживотна казна затвор.

Стравувањето на Флуге го коментирал и хрватскиот адвокат Анто Нобило, кој има искуство со судот во Хаг, оценувајќи дека секој расплет во Трибуналот го смета за можен, но дека ослободителна пресуда за Караџиќ и Младиќ сепак му изгледа неверојатна, пишува „Слободна Далмација“.