Карантините, седењето дома, економската криза и беспарицата ги зголемија случаите на семејно насилство

      Невладините организации алармираат. Короната и економската криза рапидно го зголемиле семејното и родово базираното насилство. Карантините, принудното долготрајно живеење под ист покрив со насилниците, се’ полабилното психичко здравје, како и економската криза, процентот на различните видови насилство врз жените и девојчињата го зголемиле дури за околу 40 индексни поени.

   „Досега имаме опслужено околу 903 жени, жртви на насилство и имаме дадено преку 2.000 услуги, интегрирани услуги, што значи бесплатна правна помош, психо-социјална поддршка, економско јакнење, реинтеграција, рерсоцијализација на жртвите, судски застапувања, упатувања до релевантни други институции, даватели на услуги“, – вели Бети Пеева, претседателка на Граѓанската организација „ЕХО“.

    Она што дополнително загрижува е појавата на новите форми на насилство, како и нивната зачестеност. Сега насилството не се случувало само во домот, туку и на јавните простори, во образовните институции, на работните места или на интернет преку демнењето. Надежите за сузбивање на овие загрижувачки појави се во измените на Кривичен законик, кој пак во моментов бил во второ читање, а тоа значело дека ќе било потребно уште доста време за тие и реално да профункционираат.

  „Не можеме да кажеме дека нешто очекуваме, бидејќи измените во Законот се процесираат веќе повеќе од три години“, – обајснува Пеева.

   Од МВР и од МЦСР пак, се правдаат дека тие и досега, организирано и координирано, успешно работеле на оваа проблематика.   

  „Координирано меѓу себе, во  зависност од пријавеното кривичното дело или пријавениот кривично-правен настан, се преземаат сите мерки за заштита  на жените и девојчињата“, – објаснува Емилија Велкоска, началник на КК за кринминалистички работи при ОВР Прилеп.

  „Ние досега како надлежен Центар никогаш не сме имале проблем да сместиме жртва, сосе деца, ако станува збор за малолетни деца, не останале не сместени во надлежен Шелтер-центар“, – кажа Дејан Тошески, директор на МЦСР-Прилеп.

   Заради зголемениот број на насилства и се’ понарушеното психичко здравје кај македонските граѓани, Невладината „ЕХО“, покрај пред четири години отворените канцерларии во Штип и Струмица, сега отвори и во Прилеп, како центар за Пелагонискиот регион.

Каролина Дурло

Advertisements

Поврзани вести