Капитал има, кадри нема, германските инвеститори и Владата ќе работат на дуално образование

Пари има, исто како и интерес за инвестирање во Македонија, но во земјава немало доволно квалификувани работници – тврдат германските инвеститори. Тие сакаат да вложуваат во Македонија, а постоечките инвеститори да ги прошират капацитетите, но затоа треба да се едуцираат кадри, особено за техничките струки. Токму новоформираниот македонско – германски мешовит комитет за економска соработка ќе работи на дуално образование, односно средношколците и студентите да работат во компании во текот на своето учење.

„Постои се поголем интерес на германски компании за инвестирање во земјата. Германските инвеститори сакаат да дојдат во земјата, да се задржат младите луѓе во земјата, да се спречи одливот на мозоци од Република Македонија“ – рече Хелге Толксдорф, од Сојузното министерство за економија и енергетика на Германија.

Не само во образованието, двете земји преку мешовитиот комитет ќе работат на зголемување на трговската размена меѓу двете држави, како и во изградбата на инфраструктурата. Македонија очекува и значајна финансиска поддршка во вид на евтини кредити од германските развојни банки.

„Втората област на соработката е во изградба на инфраструктура, за проекти со особена важност за квалитетот на животот на граѓаните, каде очекуваме поддршка од финансиските институции од Германија, како КФВ банката“ – рече вицепремиерот Анѓушев.

Мешовитиот комитет е дел од германската стратегија за економска соработка со државите од западен Балкан, а неговото формирање беше најавено пред неколку месеци при посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на земјава . Од Владата најавија и дека до крајот на годинава очекуваат да дојдат неколку германски економски советници. Германија е најголем трговски партнер на Македонија со обем на трговија кој достигнува 40% од вкупната размена со странство. Во германските компании во земјава работат скоро 20 илјади Македонци.

Тања Попова