Капиталните инвестиции катастрофално лоши, власта сепак оптимист

За градежните проекти сега се распишувале тендери, па затоа резултатите биле на ниско ниво – ова е реакцијата на министерот за транспорт Горан Сугарески откако министерството за финансии објави дека реализацијата на капиталните инвестиции во првиот месец од годината изнесувала само 4.5 милиони евра или 1.09%. Тој вели дека градежната офанзива допрва претстои, а проектите на Јавното претпријатие за државни патишта кои не влегуваат во оваа категорија забрзано се граделе.

– Сега не е градежна сезона, дел од работите што  треба да се сработат се во фаза на тендерирање, така што нашите очекувања се дека капиталните инвестици ќе бидат многу повисоки од ланската година.
Апсолутно ќе имаме економска година и ако ги гледаме сите показатели не само на буџетските средства што се предвидени за капитални инвестиции, туку и надвор од буџетот, како што е на пример Јавното претпријатие за државни патишта што во моментнов има 300 проценти повеќе средства во однос на првиот квартал лани, уверен сум дека сите бројки од она што Владата го има планирано во буџетот, односно буџетските капитални инвестици,  ќе биде остварено – изјави министерот за транспорт Сугарески.

За слабата реализација на капиталните инвестиции вчера алармираа и од Стопанската Комора на Македонија. Бизнисот истакна дека инфраструктурата е основен предуслов за нивен развој. Ќе вршеле притисок врз Владата, за разлика од лани, 100% да го реализира планираното во годинешниов буџет. Инаку, власта и минатата година секој месец уверуваше дека проектите забрзано ќе се завршуваат, но тоа до крајот на годината не се оствари. 2018-та заврши со најкатастрофалната реализација на капиталните инвестиции во последната деценија од само 65.5% од планираното согласно ребалансот на буџетот или  помалку од половина од првичната сума од 400 милиони евра.

Тања Попова