Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје молчи, ДКСК ќе го истражува милионскиот тендер кој го доби Еуровиа

Молк од канцеларијата на ОБСЕ во Скопје за скандалозниот тендер на градежната компанија Еуровиа откако Алфа праша за реакција во однос на обвинувањата за незаконска тендерската постапка за преадаптација на салата Борис Трајковски.

Додека организацијата со која Македонија ќе претседава оваа година засега молчи, антикорупционерите полни раце работа. Тие најавија дека ги прибираат сите документи и ќе донесат конечна одлука за донаторот на ДУИ и сопственик на ЕУРОВИА, Алмедин Адеми како и за тендерската постапка со која тој доби 1,8 милиони евра за ВИП Арената Борис Трајковски

И покрај обвинувањата во јавноста дека донатор на партија добива милионски тендер, премиерот Димитар Ковачевски на иста линија со министерот Бујар Османи. На тендерот била избрана најповолната понуда, а на институциите им порача да си ја завршат работата и да ги констатираат сите законски прекршувања.

Додека премиерот, министерот, антикорупциска имаат одговор за скандалозниот тендер, обвинителството мува не го лази и веќе цела недела молчи. Ниту државниот обвинител Љубомир Јовевски ниту првиот човек на организиран криминал Ислам Абази како да не живеат во државава. Иако по допрен глас можат да отворат предмет и да проверат како се трошат и кому му се доделуваат  државни милионски суми, и двајцата како да пропаднале во земја.

Еуровиа веќе е на терен и работи на преадаптација на спортискиот центар. Од она што засега е познато Еуровиа ќе ги реновира тоалетите и салати, а мебелот и електричната опрема ќќе биде изнајмена.

Министерот Османи за организирање на луксузната конференција побарал дури 8 милиони евра, но на владина седница му одобриле 5. Од нив 1, 8 милиони се доделени на Еуровиа, компанијата на внукот на поранешниот вицепремиер од ДУИ Абдулаким Адеми и уште 120 илјади евра за пиар агенцијата Рејтинг која ќе спроведува стратешки комуникации.

Со останатите 3 милиони треба да се организира хотелско сместување и превоз со вип возила на 70 министри на ОБСЕ и нивните делегации.

Паула Костадиноска

Advertisements