Кандидатите за претседател се обврзаа за фер и демократски избори

Со потпис на кодексот за фер и демократски избори тројцата кандидати за претседател на државата се обврзаа за чесна и чиста игра во битката за добивање на гласови. Блерим Река, Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски од утре ја почнуваат трката за претседателското столче.
Кандидатот на Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река порача дека е важно резултатот да биде регуларен, без разлика на тоа кој ќе победи.
Професорката Силјановска пак , изјави дека ќе води витешка борба, поткована со аргументи.
Кандидатот од редовите на СДСМ, Стево Пендаровски подвлече дека е добро тоа што потпишувањето на кодексот станало пракса. Тој вети дека потпишаното ќе биде спроведено на терен.
Аналитичарите велат дека очекуваат внимателна кампања со оглед на тоа што, тројцата кандидати се професори, но оставаат простори за посилна битка на политичките партии.
Кампањата за претседателските избори почнува од утре. Пендаровски ќе ја започне својата кампања со митинг во Прилеп, Силјановкса во Охрид, а Река првиот митинг ќе го одржи во Скопје.
Според Изборниот законик, кампањата ќе трае до 19 април, на полноќ, кога ќе започне и изборниот молк.
Претседателските избори ќе се одржат на 21 април, а вториот круг на 5 мај.

Mери Ѓорѓиевска