Канада и даде азил на жената која му помогна на Едвард Сноуден

Канада и даде азил на жената која му помогна на Едвард Сноуден да се скрие во Хонгконг, откако ја објави глобалната програма за американски надзор, соопшти здружението за права на бегалци.

Ванеса Родел и нејзината седумгодишна ќерка би требало во текот на денот да стигнат во Торонто, со редовна линија од Хонгконг.

Родел, со потекло од Филипини, е една од луѓето кои го криеја Сноуден, поранешен припадник на ЦИА и Националната безбедносна агенција (НСА), а тој во 2013 година престојувал во нејзиниот стан во Хонгконг, бегајќи од американските власти.

Таа и нејзината ќерка добија азил во Канада во јануари, но тоа се чуваше како тајна од безбедносни причини. Уште пет лица, кои му помагале на Сноуден побарале азил, но се уште не го добиле.

Ванеса Родел пред постер за филмот „Сноуден“

Канадскиот премиер Џастин Трудо одби да го коментира случајот, како и канадското Министерство за имиграција. Радио Канада пренесе дека Родел била под притисок на властите во Хонгконг и оти и се заканувале со депортација на Филипини.

Сноуден објави доверливи документи за тоа како НСА во соработка со Австралија, Велика Британија и Канада ги следела комуникациите на светско ниво.

Сноуден кој сега живее во Русија, во 2013 година беше обвинет во САД за шпионажа и издавање државни тајни.

МИА