Кампања во Бугарија: Досега сите бугарски влади беа единствено стабилни во негативниот став кон Македонија

Може ли Македонија да се надева на поинаков, фер, европски пристап на Бугарија по новите, петти избори? Ова прашање се поставува пред секои изборни процеси кај источниот сосед – дали новиот парламентарен состав ќе ја смени реториката и ќе престане со сите провокации. Откако ни последните избори во 2022 не донесоа убедлив победник кој ќе формира влада, се поизвесна беше политичката нестабилност во Бугарија која беше и е контрапродуктивна и за Македонија. Досега, секоја бугарска влада беше единствено стабилна во нејзината националистичко-провокотивна и крајно иредентистичка политика кон Македонија.

Вчера и официјално почна изборната кампања. Спиралата на избори во последните две години и мачните неуспешни обиди да се најде владејачка формула ги соочува партиите да бараат нови решенија – колку подобри резултати, помалку коалициони партнери. Бугарските аналитичари се децидни – секоја формација ќе се бори да го задржи својот цврст електорат и во исто време ќе се обиде да привлече нови гласачи.

Целта е да бидеме први на таа кампања, да имаме мнозинство и да формираме Влада. Да ја водиме Бугарија кон Европа и Бугарите кон еден нормален, убав, европски живот – изјави Асен Василев Коалиција  „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“.

Сепак, анкетите покажуваат дека  граѓаните се демотивирани да излезат на гласање. Поради неможноста на партиите да состават стабилна влада и неверувањето дека тоа може да се случи и по следните избори, само 39 отсто од Бугарите покажуваат подготвеност да гласаат. Оние што се сигурни дека ќе гласаат се само во најпосветените поддржувачи на партиите, додека огромниот дел од граѓаните се во состојба на голема апатија.

Резултатите од анкетата на агенцијата „Алфа рисрч“, покажуваат дека коалицијата на Кирил Петков и Христо Иванов, „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“има поддршка од 26,4 отсто, додека веднаш зад неа е ГЕРБ на Бојко Борисов со 25,2 отсто од оние кои изразиле подготвеност да гласаат. На третото место во анкетата е турската партија ДПС, четврта е Преродба, додека бугарските социјалисти од БСП забележуваат ново намалување на наколнетоста.

Техничкиот министер за внатрешни работи очекува изборниот процес да помине без проблеми.

Подготовката поминува многу добро. Предизвик беше да обезбедиме го обезбедиме техничкиот дел со оглед на новите правила. Но мислам дека сите проблеми беа надминати така да верувам дека машината за броење гласови ќе работи без проблем и верувам дека броењето на изборните резултати ќе биде без проблем – изјави Демерџиев.

Односите на релација Скопје – Софија продолжуваат да бидат деликатни, посебно по последните случувања – отворањето бугарски клубови со спорни имиња, тензичното чествување на Гоце Делчев, случајот Пендиков. И ако се суди според претходните четири изборни процеси, кои воопшто не помогнаа да се подобрат односите, тешко е да се очекува дека тоа ќе се случи по 2 април. Неизвесно е колку македонското прашање ќе биде дел од политичката Pкампања во Бугарија. Претходната изборнакампања помина во знакот на економската криза а спорот со Македонија не доминираше како во сите претходни избори.

Адријана Алексиеска

Advertisements