Кампањата на половина – Река, Силјановска и Пендаровски имаат уште 10 дена за убедување на граѓаните

Пофалби, комплименти, прегратки и насмевки. Трибините на СДСМ изобилуваат со емоции кои партиските членови и поддржувачи несебично ги споделуваат со раководството.

За лидерот на СДСМ нема ништо спорно во ова. Тој не смета дека на овој начин се гради култ на неговата личност.

Јас сум човек од село Муртино, не негувам вредности на култна личност, изјави ппремиерот Заев на прашањето дали е добро што партиски членови и функционери го споредуваат со Јосип Броз Тито.

– Со директорот на Агенцијата за млади и спорт имаме одлична соработка, тој е и претседател на младината во СДСМ, но ние не негуваме такви вредности ниту во партијата ниту во Владата. Ние сме мало општество, мултиетничко, треба да градиме пријателство и еднаквост, зборуваме за еднакви вредности, рече Заев.

Претседателот на младинската организација на СДСМ кој пред две недели го спореди својот партиски лидер со Јосип Броз Тито денеска се дообјасни.

Сепак, лидерот на СДСМ, пред само неколку недели порача дека нема заевизам за кој обвинува опозицијата туку има завидлизам.

Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ води традиционална кампања со митинзи и обраќања само на партискиот лидер и кандидатот за претседател. Гордана Силјановска – Давкова вели дека не би се чувствувала пријатно кога некој јавно би и давал такви комплименти какви што добива нејзиниот противкандидат.

Кандидатот поддржан од Алијансата на Албанците и БЕСА, Блерим Река, пак исто така води традиционална кампања со средби со граѓани и која е главно фокусирана на местата каде живеат Албанци.

Река, Силјановска и Пендаровски имаат уште 10 дена за да ги убедат граѓаните дека тие се вистинскиот избор за претседател на државата. Кампањата е точно на половина. Наредниот петок настапува изборниот молк, а на 21 април е гласањето во првиот круг.

Борис Грујоски