Камионџиите директно од граница ќе пријавуваат мито, корупција и криумчарење мигранти

Еден куп проблеми им тежат на глава на камионџиите кои секојдневно превезуваат стока на граничните премини. Еден од најголемите е барањето мито од цариници, но и од граничната полиција. Од сега превозниците со помош на мобилна апликација ќе можат тоа веднаш да го пријават во централата на асоцијацијата на превозници „МАКАМ-Транс“, по што во истиот момент полицијата ќе почне да ги бара оние кои земале мито на граница.

Токму затоа координативниот Центар за гранично управување и „МАКАМ-Транс“ потпишаа меморандум за соработка.

– Транспортерите се секогаш мета на државните органи. Сите ги гледаат како евро или долар, како луѓе кои имаат многу пари. Не може да поминат без некој да им побара 10 евра или 50 евра за побрза царинска постапка, добивање дозвола, истакна Билјана Муратовска од „МАКАМ-Транс“.

Покрај митото, како сериозен проблем со кој се соочуваат транспортерите се и илегалните мигранти кои скришум и им влегуваат во приколките на нивните камиони околу границите. Тоа се случува многу често и тоа без да знаат шоферите. Доколку и овој проблем го забележат веднаш ќе можат да го пријават преку телефон, и притоа нивниот интегритет ќе биде заштитен.

– Да ја искористиме оваа можност за соработка за што владините институции се подготвени целосно да застанат зад превозниците. Очекуваме нашето партнерство не само да го унапреди прекуграничното управување, туку и да ги намали прекуграничниот криминал и корупција, истакна Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров.

Според министерот за внатрешни, ваквиот начин на работа ќе овозможи ефективна соработка за поквалитетна гранична безбедност, но и проток на стоки.

– На практично ниво ова значи дека состојбите нема само да се следат, туку и конкретно, оперативно ќе се решаваат, потенцира министерот Оливер Спасовски.

Во рамките на соработката полицијата ќе ги известуваат камионџиите и дали има гужва на граничните премини. Од друга страна, во земјава дури 96% од производството се транспортира со камиони.

Светските искуства, пак, покажуваат дека 3,6 милиони смртни случаи се евидентираат годишно во светот поради корупција, а голем е бројот и на несреќи при криумчарењето мигранти.

Борис Грујоски