Каменуван македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград
Каменуван е македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Искршено е стаклото од влезот на културниот клуб на установата на улицата „Димитар Димов“, објавија бугарските медиуми. Вандалскиот чин бил пријавен во полиција во Благоевград. Според првичните информации од тамошните медиуми, четири камења се пронајдени пред објектот на клубот.
Демолирањето на македонскиот клуб се случи по чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, кое во Скопје помина мирно, но имаше тензии на граничниот премин Деве Баир, заради кои тројца Бугари беа уапсени, а казнети со 300 евра казна и протерани од Македонија.
Организацијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин бара од тамошната полиција да го истражи случајот со кршењето на стаклото на македонскиот клуб во Благоевград.
Претседателот на македонскиот клуб Атанас Мазнев, уште минатата недела, предупреди дека не смее да има провокации, односно дека и бугарската страна треба тоа да го спречи. Во контекст на ова, Мазнев потсети дека на македонските граѓани кои отидоа во Благоевград на отворањето на „Никола Вапцаров“, не им беше дозволено да се поклонат на тамошниот споменик на Делчев, за да нема инциденти со насобраните Бугари кои протестираа. За жал провокациите од бугарска страна не само што не беа вчера спречени туку беа најотворени дури и од високи функционери.
- Кога зборуваме за потребата од смирување на ситуацијата, треба да се запрашаме, дали овој преседан во споредба со денешната ситуација и е познат на јавноста во Бугарија- за да може со својот груб збор да го сигнализира однесувањето на оние кои подготвуваат фитили и кибрит за 4 февруари, рече Атанас Мазнев уште на 30.01.2023.
Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград беше отворен во тензична атмосфера лани на 30 октомври во присуство на гости од Македонија и Македонци што живеат во Бугарија.
Но, по само два дена клубот доби одлука за ликвидација. Како што беше причината за затворењето е истрага на тамошното обвинителство, за која Бугарите без да чекаат започнале веднаш по формирањето на здружението, во 2019-та година.
Обвинителство од Благоевград е на ставот дека целите на македонското граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човечки права се спротивни на бугарскиот устав и закон, а одлуката била правосилна уште пред неговото свечено отворање, односно од стартот на октомври.
Покрај Бугарите, против отвораањето на овој клуб жестоко беше и македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи. На два дена пред отворањето, тој порача дека тоа било непотребно, па поради тоа не замина во Бугарија, ниту тој, ниту било кој друг владин претставник.
Инаку претседателот на овој македонски клуб во Благоевград, уште минатата недела испрати смирувачки пораки во пресрет на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, сакајќи да демонстрира мирољубивост.
Борис Грујоски