Каменос отстранува министри од партијата – седницата за доверба на Владата закажана за утре

A general view is seen of the Greek parliament during the first of three rounds of a presidential vote in Athens December 17, 2014. REUTERS/Alkis Konstantinidis

Каменос отстранува министри од пратеничката група – седницата за доверба на Владата закажана за утре. Откако вчера ја напушти владината коалиција и даде оставка од министер за одбрана, на Каменос денеска грб почнаа да му вртат членовите на неговата партија а воедно и министри во грчката Владата.
Министерката за туризам Кундура и заменик министерот за земјоделство Кокалис јасно ставија до знаење дека ќе застанат на страна на Владата, а Каменос не ја дочека неговата прес конференција закажана за попладне па својот бес го истури на твитер.

– Г-ѓа Кундура со нејзината официјална изјава одлучи да го замени нејзиниот глас и името Македонија со министерското столче. Ја отстранувам од парламентарната група. И Василис Кокалис кој моментално преговара од Кина за националното прашање во замена за неговата позиција е отстранет од парламентарната група на Независни Грци, напиша Каменос.

Во меѓувреме Претседателот на Грчкиот Парламент, Никос Вуцис ја закажа седницата за доверба за утре. Ќе започне наутро со говор на Ципрас – а ќе се гласа најдоцна до среда на полноќ. Отфрлено било барањето на опозицијата, расправата да трае три дена како што е предвидено со правилникот на Парламентот. Предвидено е да зборуваат 6О пратеници.

Ципрас синоќа на конференција посветена на Преспанскиот Договор порача дека во никој случај нема да се повлече од негова ратификација.

Покрај членовите на Сириза обраќање на конференцијата имаше и пратеникот Данелис од партијата Потами кој отворено го поддржа Преспанскиот Договор. За овој пратеник на партијата Река овие денови се шпекулираше дека ќе му го даде својот глас на Ципрас за доверба и ратификација на Договорот и покрај различните ставови на неговата партија. Лидерот на Потами, Теодоракис вчера се искажа дека партијата нема да ја поддржи Владата.

Неофицијално Ципрас веќе го има потребното мнозинство. Во среда вечер во грчкиот Парламент се очекува рака да кренат дури 4 пратеници на АНЕЛ, Данелис од Река и еден независен пратеник.

Лепа Џундева